„Бис без“, „Леб и сол“, „Мизар“, „Архнгел“, „Анастасија“… тоа се само дел од имињата што значеа многу во југословенската музика. Кога се зборува за македонската музика низ времињата, сосема очекувано е на таа тема да се разговара со хроничарот на македонскиот рокенрол, Тошо Филиповски. Од него побаравме да ни издвои пет највлијателни изданија, албуми што во времето на поранешна Југославија важеле за најдобри и најслушани парчиња. Не беше лесно да се добие тој топ 5 од Тошо, сопственикот на музичката продавница „Максимум рекордс“. Преслушување на старите плочи, носталгија, убави спомени… Еве, на крајот, што издели нашиот соговорник:
Да се издвојат само пет најдобри изданија од чија било лична (натпросечна) дискографија е тешка задача! Речиси сизифовски невозможна е обврската да се направи таков избор од дискографијата на еден народ со традиција на издаваштво подолга од 40 години и со квантум од повеќе од 2.000 изданија. Обидот да се допрецизира клучното прашање нај, по која било основа (највлијателен, најзначаен, најдобар, најслушан, најпродаван….) ни малку не ја упростува работата, а при секој нов избор на придавката што ќе стои зад суперлативот, секогаш изборот на група/албум е поинаков. Но, овој проблем само ја нагласува големината на сцената и богатството на продукцијата низ годните. Слатка мака, би рекле некои. И, навистина, е така. Прашањето за пет највлијателни македонски изданија ќе се обидам да го дефинирам како прашање / одговор за пет меѓници во развојот на македонската музичка сцена, гледано низ призмата на дискографски остварувања, кои на некаков начин извршиле огромно влијание и оставиле траен печат на просторите каде што биле и во времето кога биле создавани. Овие пет изданија (а и уште 55 сигурно, кога би имал простор), генерално, го покажаа сиот раскош, богатство, оригиналност, зрелост што ја имала македонската музика низ годините. Никогаш не сме можеле да се пофалиме со квантитет во однос на изданија или на број на групи, во споредба со сцените во другите (тогаш заеднички) држави во Југославија, но секогаш македонската сцена, барем еднаш во една декада, комплетно го свртувала вниманието на пошироката публика кон себе, со групи, кои, пред сè, биле оригинални, автентични и доволно интригантни за да обезбедат солиден корпус на обожаватели и на следбеници. Па, оттука и мојот избор (се разбира, крајно субјективен) ќе биде насочен кон посочување на тие клучни изблици на креативност низ декадите наназад. Образложенијата на албумите ќе се обидам да бидат кратки (поради недостиг од простор) и да се задржат само на тој историски сегмент на влијателност, без детални анализирања на музичките вредности на самите изданија… тоа во некоја друга околност.
60-тите
(1969) Гитаријада ’69 – ВИС Безимени (А страна: Си заљубив едно моме (трад.)) / ВИС Камелеони (Копар) – Београд диск СП
Ова издание нема некое пошироко влијание, но самиот факт дека е прво објавување на еден македонски (бит) рокенрол-состав ја има таа историска важност за нас Македонците. Оттука, па натаму почнуваме да ги вметнуваме коцките во мозаикот што денес го нарекувавме богата и модерна музичка дискографија. Оваа синглка (поточно сплит сингл), за жал, од многумина заборавена, е вреден историски документ на едно бурно време на зачетокот на рокенролот во Македонија.
70-тите
(1978) Леб и сол – с/т – ПГП РТБ ЛП
Долго време требало да помине од синглот на „Безимени“ до првиот сингл на „Леб и сол“, разни фактори влијаеле за „најмрачниот“ период на дискографската (не)активност на македонската сцена. Затоа вистинското „броење“ на изданија почнува со појавата на овој деби-албум на „Леб и сол“… Но, значењето на овој албум е погрешно да се сфати само низ призмата на зборот прв. Со неговото објавување почнува и споменатото свртување на вниманието на тогашната југословенска сцена кон Македонија. Албумот тогаш, а и денес, е неизоставен дел од кој било посуштински избор на највлијателни албуми на целата територија на Југославија. По него приказната веќе не беше иста и за рок-музиката во Македонија. Многу групи добија шанса за албуми, некои ја искористија, а некои не.
80-тите
(1988) Мизар – с/т – Хелидон ЛП
Иако општото мнение на југословенската јавност беше дека по „Леб и сол“ во Македонија може да егзистира само „Леб и сол“ или некој нивни клон, сепак, нешто таму долу (овде) долго и внимателно се подготвуваше за да го зададе конкретен удар, преку Словенија. Деби-албум каков што со години не беше слушнат на тогашната југословенска сцена. Актуелно, моќно, контроверзно, збунувачко, предизвикувачко. Издание што со години ќе биде доволно влијателно, инспиративно и споменувано во сите суштински категоризирања на нај, нај, нај…..на сите времиња во Југославија. Ова издание повторно, како и во случајот со „Леб и сол“ десетина години пред тоа, повлече многу генерации следбеници, обожаватели и музичари во Македонија, но и во Југославија. „Мизар“ стана и сè уште е култна група, а ова издание вреден колекторски примерок.
90-тите
(1993) Архангел – II МРТВ Cass
Овој албум е, дефинитивно, заштитна марка на македонската самостојност. Со неговата појава бевме свои на своето! Изолирани како држава, но среќни дека имаме со што да се идентификуваме, среќни дека имаме своја рок-икона! Неговото влијание сè уште не можеме да го анализираме во целост, пред сè поради големата експлоатираност на музиката од овој албум. Практично, песните од овој албум сè уште активно живеат меѓу публиката, како да е создаден пред некој месец, а не пред речиси 20 години. Несреќата, пак, на ова издание, кое претендираше (а и де факто е) да биде светски квалитетен производ, е објавувањето во време на историски турбуленции на просторите на поранешна Југославија, па реално не беше возможно да добие пошироко медиумско внимание. Но,стандардите што ги постави се параметри или, подобро кажано, предизвици за генерациите што доаѓаат. Многу млади луѓе токму поради ова издание почнаа да свират гитари и во годините потоа ги направија своите први групи.
(Иако се обидов да издвојам само едно издание од оваа декада, сепак, влијанието на споменатите изданија на „Архангел“ и на „Анастасија“ се огромни и не можат да се маргинализираат)
(1994) Анастасија – Before the rain Polygram CD
Со ова издание бевме горди жители на светот. Ако некој го прослави името Македонија надвор од нашите граници, со музика, тоа, сигурно, го направи „Анастасија“. По овој албум со музиката од филмот работите беа поинакви. Ова издание скрши многу пречки и воспостави многу вискоки стандарди. По него да се занимаваш со музика не беше веќе локална игра, туку сериозен музички бизнис, па дури и во Македонија.
почетокот на овој век
(2009) Bernays Propaganda – Happiness Machine Направи заедно LP
Многу убави и значајни албуми се издадоа во самостојна Македонија, впрочем повеќе од две третини од целата продукција на македонски изданија припаѓа на овој период. И огромен дел од нив се значајни и влијателни од оваа или таа причина, но (според моето мислење) еден албум се издвојува во првата декада од новиот милениум. Албум што повторно му покажува на регионот, а и на светот, дека Македонија е место на Земјината топка каде што творат одлични групи. Албумот се појави во момент кога сите мислеа / зборуваа дека македонската забревтана инди-сцена го доживува својот зенит и дека веќе подалеку не се може. Од никаде, за тие што не знаат, а од пепелта на европски (а наши) влијателните стрејт ејџ (sXe) легенди FxPxOx, се раѓаат БП. Фанатичната музичка посветеност на Васко и харизматичноста на Тина создаваат монумент како инспирација за многу генерации во иднина. Ова издание е победа на етиката направи сам (DIY) во македонската музика. Пример за бескомпромисност на релацијата музика – живот и обратно. БП се сè уште активни и, веројатно, ќе создадат и подобри албуми, но овде покажаа дека промените се предизвик, а само небото е граница за идеи.
П.Н. Никогаш не сме можеле да се пофалиме со квантитет во однос на изданија или број на групи, во споредба со сцената во другите (тогаш заеднички) држави во Југославија, но секогаш македонската сцена, барем еднаш во една декада, комплетно го свртувала вниманието на пошироката публика кон себе, со групи што, пред сè, биле оригинални, автентични и доволно интригантни за да обезбедат солиден корпус на обожаватели и на следбеници
Подготви: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.