| четврток, 6 декември 2018 |

Денеска почнува „Фенер“- меѓународен фестивал за куклен театар

Од 29 ноември до 1 декември ќе се одржи второто издание на Меѓународниот фестивал за куклен театар „Фенер“. Фестивалот е во продукција на „Буден театар“ и е реализиран во соработка со Македонскиот народен театар, како и со „Менада“ и ГЕМ-клубот (Граѓани за европска Македонија) од Скопје. Фестивалот е поддржан од Советот на град Скопје и од Бугарскиот културен центар.

Иницијативата да се оформи фестивал за куклен театар произлезе од потребата да се подигне квантитетот и квалитетот на културната понуда наменета за најмладата публика, како и да се иницира проток на информации поврзани со современите иницијативи и моментални текови во куклениот театар наменет за детска публика, на светско ниво. Првото успешно издание на фестивалот „Фенер“ се одржа на 6 и на 7 април 2012 година.

Ivan Blazev

Фестивалот ќе биде отворен со претстава во сопствена продукција, премиерата на куклената претстава на „Буден театар“, „Палечка Малечка“, која е поддржана од Министерство за култура на РМ. Ова е своевидна претстава–прошетка, во која децата заедно со актерите се движат низ различните пунктови за игра, поставени во инспиративниот амбиент на кафулето „Менада“ и ГЕМ клубот, лоцирани во Старата скопска чаршија. Претставата е инспирирана од познатата Андерсенова приказна, но е авторско дело на актерката и режисерка Милиана Ленак. Претставата има ограничен капацитет на публика и затоа ќе биде изведена двапати на 29 ноември, од 17 и од 19 часот.

Вториот и третиот фестивалски ден претставите ќе се изведуваат во Македонскиот народен театар со почеток од 18.30 часот. На 30 ноември ќе биде изведена куклената претстава „Приказна за дрвото што пее“ на Државниот куклен театар од Варна, Бугарија. На 1 декември ќе биде одиграна претставата „Копче“ на театарот „Штурче“ од Унгарија. Во текот на викендот од 16.30 до 18.30 часот во фоајето на МНТ ќе се одржат креативни работилници на кои децата ќе создаваат фенерчиња, костими и маски. Затворањето на Фестивалот ќе биде одбележано со прошетка на која децата ќе си го осветлуваат патот од театарот „Центар“ до кејот на реката Вардар со фенерчињата што сами ги создале, придружувани од звуците на хармониката на Јордан Костов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top