| четврток, 6 декември 2018 |

Потрошувачко лудило во САД – денеска е црн петок

crn petok

Потрошив 600 долари во „Тојз Ар Ас“, премногу пари во „Волмарт“ и премногу пари во „Колс“. Жената ќе ме убие, се пофали еден од купувачите што вчера чекаа два часа во редот пред продавницата за електронска опрема „Ејч Ејч Грег“ да ги искористи специјалните попусти кои секоја година Американците ги добиваат за таканаречениот црн петок.

Се работи за петокот кој доаѓа по Денот на благодарноста кога некои од најголемите трговски синџири отвораат доцна во ноќта и работат до пладнето следниот ден, нудејќи компјутери, телевизори и облека по неверојатно ниски цени.

Во „Волмарт“ вратите беа отворени преку целиот ден поради што изостанаа традиционалните слики на купувачи кои кампираат во шатори за да бидат први на ред кога ќе почне купувачкото лудило.

Но, бидејќи количеството стока на попуст беше ограничено, само тие што дојдоа во првиот час добиваа купони за специјалните попусти. Така, за годинешната хит-понуда на „Волмарт“ – таблет ај пад мини за 300 долари со добивање вредносен купон за 100 долари назад – количествата се потрошија за неколку минути.

Но, огромни редици граѓани кои беа во продавницата во 18 часот, кога официјално почна црниот петок, трпеливо чекаа во ред да платат 300 долари со ветување дека купениот таблет ќе им биде испорачан најдоцна до крајот на декември. Купувачите во „Волмарт“ во близината на Вашингтон се мачеа да ги натоварат големите телевизори на автомобилите, ги полнеа количките со играчки за децата, но и пешкири, конзервирана храна и ситна електроника, сите на голем попуст.

Пред продавницата на „Сеарс“ редот не беше голем, но граѓаните сепак чекаа по повеќе од два часа. Една девојка дојде со столче и со волница.

– Јас плетам шалови за хуманитарна организација која им помага на бездомниците. Кога дојдов, го почнав овој шал и речиси сум готова – рече таа.

Трговските синџири и оваа година се соочија со критики дека продавниците ги отвораат премногу рано, во 18 или 19 часот, со што не им дозволуваат на вработените да го поминат празникот во кругот на своите семејства, на традиционалната вечера со печена мисирка.

Но, притисокот врз компаниите да продадат што е можно повеќе стока во време на економска криза е поважен од тие критики. Тони Рор, менаџер на пицерија од синџирот „Пица хат“ во Индијана, стана херој на празникот откако го одбил барањето на сопственикот да ја отвори пицеријата на Денот на благодарноста. Рор беше отпуштен од работа, но по медиумските критики, сопственикот му понудил да се врати, понуда за која Рор сѐ уште размислува.

– Зошто не можеме да бидеме компанија која се грижи за своите вработени? Зошто да не им дадеме да земат еден слободен ден? – изјави Рор.

Периодот од Денот на благодарноста, кој помина вчера, до Божик е најважниот трговски период во САД. Само за црниот петок се проценува дека Американците купуваат производи за околу 50 милијарди долари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top