| четврток, 6 декември 2018 |

Мафијашкиот кум Зијад Турковиќ осуден на 40 години затвор

Босанскиот мафијашки бос Зијад Турковиќ денеска во Сараево е осуден на 40 години затвор во процесот против неговата криминална група, обвинета за неколку убиства во босанското подземје и за шверц со наркотици.

Еден од главните членови на оваа група, Миленко Лакиќ, исто така, доби казна затвор од 40 години, соопшти судијата Изо Танкиќ. На други тројца обвинети им беа изречени затворски казни во траење од три до 12 години, а двајца беа ослободени.
Турковиќ не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.

За време на процесот, почнат во 2011 година, тој се изјасни за виновен единствено за еден обид за убиство и ги отфрли сите други точки од обвинението. Неколку членови на криминалната група, меѓутоа, се изјаснија за виновни и своите казни ги
договорија со обвинителството во замена за сведочења против Турковиќ.

– Станува збор за една од најголемите криминални организации во БиХ и во регионот – посочи обвинителот Дијана Кајмаковиќ.

Турковиќ, според обвинителниот акт, е одговорен за организиран криминал, шверц на наркотици и оружје, рекет, перење пари и убиства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top