| четврток, 6 декември 2018 |

Имотите на првата жена на Папандреу, Димитра Лиани, модниот гуру, Лакис Гавалас и Панајотис Тагталидис на аукција

Финансиските власти во Грција конфискуваат и го нудат на аукција имотот на познати личности поради долгови кон државата, меѓу кои се и Димитра Лиани, поранешна сопруга на починатиот премиер Андреас Папандреу, модниот гуру Лакис Гавалас, бизнисмените Јанис Карузос и Панајотис Тагталидис.

Се очекува денеска на аукција да бидат објавени луксузни куќи и вили на некои од овие личности, јави дописникот на МИА од Атина.

Акцијата е во рамките на напорите на грчките власти да ги соберат потребните средства, за да ја наполнат државната каса и да обезбедат нормално спроведување на буџетот.

За четирикатна вила на некогашната стјуардеса Лиани почетната цена е 800 илјади евра. Таа на банките и на државата им должи 440 илјади евра.

Освен нејзината вила, на аукција одат и три станови и една продавница на бизнисменот Јанис Карузос, кој во моментов е зад решетки.

Модниот дизајнер Лакис Гавалас должи 12,6 милиони евра. Државата ја заплени неговата вила на островот Миконос, а за неа на претходната аукција беше понудена почетна цена од 960 илјади евра.

Другиот бизнисмен Панајотис Тагталидис, чиј имот исто ќе оди на аукција, беше прв Грк осуден на доживотен затвор за лажни фактури. Тој должи неверојатни 197 милиони евра . Властите досега му конфискувале двокатна зграда и индустриска хала во Солун. Почетната цена за неговиот имот изнесува  2,4 милиони евра. Тагталидис беше трговец со облека и сопственик на компанијата „Тео Текстил“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top