Полицијата обвини пет членови на иницијативниот одбор, кој пред два месеца изгради споменик, лоциран на околу два километра од Струга, објави „Балкан инсајд“.
– Споменикот беше поставен без дозвола и спротивно на урбанистичкиот план за оваа областа – изјави Стефан Димоски, портпаролот на полицијата.
Плочата, откриена во септември, е изградена во чест на етничките албански борци што во 1913 година учествувале во локалното востание против српските сили, кои во Првата балканска војна ја окупирале оваа територија.
Градскиот музеј во Струга упати забелешки, бидејќи со споменикот не им се оддава почит и на македонските борци што заедно со Албанците учествувале во ова востание.
Македонската православна црква, најголемата верска заедница во земјата, тврди дека споменикот е поставен на старо црквовно земјиште.
За разлика од повеќето Македонци, кои се православни христијани, Албанците, кои сочинуваат една четвртина од населението во државата, се претежно муслимани.
Изградбата на споменикот беше на иницијатива на локалната заедница во селата Радолишта и Теферич, Струшко. Градоначалникот на Струга, Зиадин Села, не присуствуваше на церемонијата, но, испрати свои претставници. Организаторите тврдат дека тие имале негова усна согласност за поставување на споменикот.
Затоа, пак, беше присутен поранешниот градоначалник на градот, Рамиз Мерко.
Споменикот го откри археологот и историчарот Музафер Коркути, претседател на Академијата на науки и уметности од Албанија.
Тој претходно учествуваше на симпозиум во Струга, организиран од страна на локални албански и бугарски организации, кои востанието од 1913, го прикажаа како албанско-бугарско востание.
Ова предизвика револт кај Македонската академија на науките и уметностите, МАНУ, која соопшти дека присуството на Коркути на оваа манифестација било „без преседан“.
– Од негова страна ќе беше во ред да ни го најавеше неговото присуство, бидејќи имаме потпишано документ за соработка – рече македонскиот академик Цветан Грозданов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.