Преполната сала и овациите што ги доби ансамблот на претставата „Ромео и Јулија“ во Бугарија беа само потврда дека познатиот режисер Петар Денчев го има хитот на сезоната.
На 20 и 21 ноември познатата Шекспирова пиеса, овојпат изведена во нов стим-панк стил, различен од ренесансната стилистика на најпознатиот англиски поет и драматург, беше изведена во драмскиот театар „Гео Милев“ во Стара Загора.
Во главната улога, покрај Марија Пенчева во улогата на Јулија, како Ромео на сцената настапи македонскиот актер Кире Ѓоревски, кој на македонската јавност ѝ е познат по улогите во филмовите „Сенки“ и „Боли ли“. Талентираниот Ѓоревски ја има и главната улога во новиот македонски долгометражен филм „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митриќески, кој наскоро ќе ја има својата премиера. Исто така, како кореограф, тој во Македонија двапати соработуваше со Дејан Пројковски за претставите „Ромео и Јулија“ на Турскиот театар и „Хамлет“ во Драмски театар во Скопје.
Македонскиот актер, танчер, пантомимичар и кореограф е еден од најактивните и најпознати на театарската сцена во Бугарија. Неодамна како дел од екипата на „Хамлет“, претстава која се играше во Народниот театар во Софија, Ѓоревски ја доби и наградата ИКАР за најдобар перформанс на годината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.