| четврток, 6 декември 2018 |

Орав: Потребни се квалитетни проекти и иницијативи за поголемо искористување на фондовите од ИПАРД

Професионални, доброекипирани служби, квалитетни проекти и иницијативи од страна на фармерите, кои речиси не веруваат дека може да добијат пари од ЕУ, се главните препораки според евроамбасадрот Аиво Орав, за што поголемо искористување на фондовите од ИПАРД.

– Парите од ЕУ се повеќе теоретски зашто нема земја во ЕУ или држава што е кандидат за членство која може да апсорбира 100 отсто од средствата. Но, вашата цел би требало да биде повлекување што повеќе, блиску до 100 проценти – изјави Орав по денешната посета на Платежната агенција.

Според него, земјоделството има многу важна улога за државата и од тие причини е особено битно помошта од ЕУ што им се дава на фармерите за модернизација да биде ефикасно и добро искористена.

– Ако некој праша зошто Европската унија го прави сето тоа, одговорот е дека ја гледаме вашата земја како идна членка на Европската унија, тоа е причината – истакна Орав.

Институциите, пред сѐ Платежната агенција и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со кои соработката, како што рече, е одлична, прават максимални напори за програмата на ИПАРД да биде уште подостапна за сите фармери во земјата.

– Работиме на акредитирање дополнителни мерки и модификација на програмата на ИПАРД. Целта е што повеќе земјоделци и компании да повлечат пари од ЕУ. Мислам дека сме на добар пат иако изминатиот период имаше одредени застојувања, но од објективни пртичини. Сега, со поинтензивно работење на Платежната агенција и нејзиното кадровско доекипирање, со поголема динамика ќе можеме да ги повлекуваме расположливите средства – посочи ресорниот министер Љупчо Димовски.

Димовски и Орав денеска во Платежната агенција беа запознаени со активностите околу реализацијата на твининг-проектот за воведување вкрстена сообразност во директните плаќања. Проектот е финансиран со 950.000 евра од првата компонента на ИПА, а целта е прифаќање и спроведување стандарди што веќе се применуваат во високоразвиените земји и членките на ЕУ, посебно во делот на заштитата на животната средина, растенијата и животните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top