
Под мотото „Засади здравје! Засади здрава иднина!“ денеска беа засадени пет милиони дрвца на површина од 1.150 хектари низ цела Македонија во 12. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“.

Дрвца денеска засадија премиерот Никола Груевски, членови на Владата, припадници на Армијата, ученици…
Шефот на кампањата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“, Кристина Николовска, акцијата ја оцени како масовна и успешна.
– Граѓаните преку акцијата „Ден на дрвото“ пратија огромна порака кон светот дека сите заедно можеме да засадиме поздрава иднина и да бидеме лидери на здрава иднина во регионот, Европа и светот – изјави Николовска за МИА.

Лекарите, додаде таа, велат дека четири засадени дрвца се доволни како кислород за еден човечки век.
– Па ако граѓаните на Република Македонија преку акцијата „Ден на дрвото“ досега во 12 акции засадиле 40 милиони садници, тогаш можеме да се гордееме со тоа дека сите заедно сме засадиле здрава иднина за 10 милиони луѓе, но и за животните и за целиот биосвет – рече Николовска.
Директорот на ЈП „Македонски шуми“, Жарко Караџоски, информира дека во досегашните акции се засадени 45 милиони дрвја.
Просекот на зафатени дрвца од минатите акции, според него, е многу висок и изнесува околу 61,54 процент.
– Тоа е просек од Инспекторатот за шумарство, кој оди на лице место и дава извештај, што Владата го прифаќа. Тоа е официјална бројка. Европски просек кој се смета за успешен е над 35 проценти – изјави Караџоски.
Една ваква акција, според директорот на „Македонски шуми“, чини од 50 до 70 милиони денари.

– Тоа е трошокот што го прави „Македонски шуми“ и тој е за садниците, а сето друго е волонтерска работа. Сите садиме волонтерски. Ние како „Македонски шуми“ не пошумуваме само сега, туку имаме и законска обврска. Во рамките на тоа ги додаваме и овие садници – додаде директорот на претпријатието.
За помасовно учество во акцијата Владата го прогласи денешниот ден за неработен.
Промотивната кампања почна во петокот кога дрвца засадија медицински експерти. Во акцијата вчера се вклучија и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој засади дрвца во дворот на градинката „Пеперутка“ во населбата Драчево. Преставници на дипломатскиот кор засадуваа дрвца во „Паркот на дипломатите“ во населено место Мршевци во општина Илинден.
Приоритети за пошумување беа опожарени површини, голини во и надвор од шума во рамки на шумско-стопанските единици, локалитети во непосредна близина на урбани и рурални средини, локации покрај природни и вештачки езера на територијата на Република Македонија и државни патишта.
Првата акција „Ден на дрвото“ беше спроведена на 12 март 2008 година кога беа засадени два милиона дрва. На 28 октомври 2008 година беше организирана и втората со засадување шест милиони садници, по што акцијата стана традиционална.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


