Американското Министерство за правда има намера да ја тужи агенцијата за определување рејтинг „Стандард и Пурс“ поради нејзините преоптмистички оценувања на хипотекарските хартии пред избивањето на финансиската криза во 2007 година.
Водечката агенција за определување рејтинзи „Стандад и Пурс“ наскоро, веројатно, ќе се најде на суд. Американското Министерство за правда има намера да ја тужи агенцијата поради нејзините препозитивни оценки на одредени хартии од вредност во 2007 година. Министерството ја информирало агенцијата за своите намери, соопшти „Стандард и Пурс“ во Њујорк и со тоа го потврди пишувањето на „Волстрит журнал“.
Големите агенции за определување рејтинзи пред избивањето на финансиската криза на голем број американски хипотекарски хартии им дале многу добри оценки за бонитетот. Инвеститорите се потпреле на ваквите оценки при своите зделки. Кога изби кризата, меѓутоа, дури и хартиите со оценка „тројно А“ многу брзо ја загубија својата вредност.
„Стандард и Пурс“ соопшти дека можната тужба е сосема неоснована, зашто никој не можел да го процени сосема падот на пазарот на недвижен имот. Според агенцијата, таа дури побрзо од сите други агенции за определување рејтинг презела опсежни мерки во дадената ситуација.
Агенциите за определување рејтинг со години се предмет на критики, но, главно, успешно се извлекуваат од процеси со образложение дека тие застапуваат само едно мислење и не даваат препорака за купување. Сега се чини дека фронтот на одбрана е разнишан.
На средината од јануари судот во Карлсруе пресуди дека агенциите за определување рејтинг во Германија во основа можат да бидат тужени поради нивните процени. Претходно, еден австралиски суд ја осуди „Стандард и Пурс“ на казна од милиони долари поради тоа што агенцијата со своите процени ги навела инвеститорите на погрешни потези. Тужбата на американското Министерство за правда, сепак, би бил досега најтежок напад врз агенциите за определување рејтинг. Тужбата би можела да биде поднесена уште во текот на неделава, пишува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори што се запознати со ситуацијата. Министерството за правда на САД досега нема издадено соопштение во врска со евентуалната тужба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.