| четврток, 6 декември 2018 |

Кривични пријави за нелегалниот споменик на албанските востаници во струшко Теферич

spomenik teferic

Охридската полиција вчера поднесе кривични пријави за поставувањето спомен- обележје во близина на струшкото село Теферич во чест на албанските востаници.

Како што јави „Охриднет“, полицијата ги товари дека без одобрение за градба, спротивно на Законот за градба и Законот за урбанистичко планирање, 47- годишниот Ваит Ајро,  уште две лица од Месната заедница на Радолишта, заедно со уште двајца стружани, на 27 септември по повод 100-годишнината од охридско-дебарското востание поставиле споменик на албански јазик.

– На местото Ајрот во близина на крстосницата за стручките села Радолишта и Теферич, пријавените во својство на иницијативен одбор, без одобрение за градба и спротивно на урбанистички план почнале градежни активности за поставување на спомен-обележје. Истиот ден, градежниот инспектор на општина Струга извршил увид и изготвил записник, решение и заклучок во кои констатирал дека инвеститорот, односно иницијативниот одбор започнал на патниот правец,  поточно на раскрсницата за селата Радолишта и Теферич, да го гради објектот без одобрение за градење. Констатирано било дека објектот не одговора и на деталниот урбанистички план според кој на таа локација била предвидена градба на друг вид објект – изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Подигнувачите на споменикот, пишува „Охриднет“, останале глуви на реакциите  на  струшкиот завод Незлобински, кој барал да се стопира изградбата на споменикот,  со образложение дека се гради на црковно земјиште без дозвола.

Изградбата ја премолчи  и градоначалникот Зијадин Села. Споменикот беше свечено откриен со албанска химна и знамиња во присуство на група жители од Радолишта и Теферич  и  претседателот на Академијата на науки и уметности од Република Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top