Со обраќањето на градоначалникот Стевчо Јакимовски, денеска, во Кинотеката на Македонија официјално започна втората по ред Недела на енергетска ефикасност во општина Карпош. На оваа свеченост присуствуваа претставници од Министерството за економија, Град Скопје, ЗЕЛС, ГИЗ, како и претставници од невладиниот сектор како што се УНДП, „Хабитат Македонија“ и ЦеПросард. Енергетската недела која ќе трае до петок, ќе опфати пет тематски денови во рамките на кои, стручни излагања ќе имаат експертите од областа на енергетската ефикасност.
На денешната манифестација, говореше првиот човек на Општината, кој го изрази своето задоволство од одржувањето на овој голем настан кој е од особено значење за локалната самоуправа.
-Мене ми претставува особена чест што по втор пат ја организираме оваа манифестација. Сакаме да ги поттикнеме граѓаните и институциите, подетално да размислуваат на оваа тема, што значи намалување на трошоците и спроведување на обврските кои локалната самоуправа ги презема за реализација на протоколот 20/20/20. Со гордост можеме да констатираме, дека досега донесовме две стратегии и Правилник кој е потврден од Министерството за економија и неговите надлежни институции. Се погриживме училиштата кои се наоѓаат на нашата територија да бидат енергетски ефикасни. Со помош на меѓународни донатори продолжуваме со проекти од областа на енегетската ефикасност кои ќе ги опфатат и нашите граѓани – истакна Стевчо Јакимовски.
Општинскиот татко потсети дека Советот на општина Карпош донесе одлука со која се враќаат дел од комуналиите, за сите оние објекти кои ќе бидат енергетски ефикасни.
-Севкупно речено, може да се каже дека водиме сериозна кампања и политика за подобрување на животните услови во нашата Општина. Би сакал оваа манифестација да стане традиционална и да не поттикне сите нас во насока да донесуваме нови стратегии и да ги оствариме истите, во делот на енергетската ефикасност – посочи Јакимовски.
Особено внимание привлече презентацијата на раководителот на одделението за енергетска ефикасност Љупчо Димов, кој ја образложи Програмата за енергетска ефикасност 2013-2015 година. Општина Карпош е единствената локална самоуправа во Македонија која го спроведува вториот дел од оваа Програма која ја сочинуваат 15 различни проекти со кои би се подобриле ефектите на заштеда на енергија и би се унапредил квалитетот на живот од еколошки аспект.
На тема „Отпад како енергија“ свое излагање имаше претставникот од одделението за животна средина при општина Карпош, Јован Цветановски кој говореше за ефектите од генерирање на енергијата и производство на топлина од биомаса и комунален отпад. Со дел од магистерскиот труд, се претстави дипломираниот инженер-архитект Снежана Јовановска
која посебно се осврна кон енергетската ефикасност како пристап во урбанистичкото планирање. Денешната манифестација заврши со презентацијата на Креативниот тим од општина Карпош, кој преку видео проекција ги претстави ефектите и придобивките од имплементирање на највисоките стандарди на енергетска ефикасност во резиденцијалниот сектор. Воедно, според програмата за развој на енергетско ефикасна општина, локалната самоуправа од Карпош има во план да реконструира околу 170 станбени објекти на своја територија.
Во рамките на оваа манифестација со својот широк спектар на производи се претставија реномираните претпријатија од областа на градежништвото и енергетиката како што се „Кнауф“, „Рехау“, „Бифекс“, „Симт и Цетус-Лед“, и „Цепросард“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.