
Групата Македонски манифест и прати писмо на канцеларката Ангела Меркел во кое, како што се вели, се бара поддршка за сочувување на историското име и идентитет на Македонија и на Македонците.
„Ваша екселенцијо,
Ние, потписниците на писмово, уметници и универзитетски професори, членови на Иницијативниот одбор на групата Македонски манифест, Ви се обраќаме Вам, како на кормилар на најмоќната европска земја, со молба да се ставите на страната на правдата и да и помогнете на нашата земја Македонија да го одбрани сопственото вековно име, а со тоа и историскиот идентитет на Македонците, за да не биде обезличена и избришена од картата на народите.
Почитувана г-ѓо Меркел, ние ја знаеме Германија како економски џин, но уште повеќе ја знаеме како земја на големи умови, гении во уметноста, филозофијата и науката, како што се: Хелдерлин, Хердер, Гете, Новалис, Ман, Бах, Бетовен, Кеплер, Гриневалд, Хегел, Шелинг, Маркс, Хајдегер… кои покрај својата божествена дарба имаа и широк космополитски хоризонт, хуманистички визии и силно изразено чувство за правда. Сметаме дека и Вие го имате наследено тоа од нив, па затоа Ви се обраќаме да и помогнете на малата Македонија, на која неправедно и се наметнати услови за влегување во ЕУ и НАТО. Длабоко верувајќи дека Вам ви е блиска генерички етичката максима на Кант: „Ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“, се надеваме дека тој принцип на големиот филозоф Ве раководел и на неодамнешната средба со господинот Метју Нимиц и дека на тој состанок сте застанале на страната на правдата и правото на Македонија на сопственото име, право кое се темели не само на современите хуманистички правни норми на современиот свет, туку и на законот на природното и божествено устројство на човекот и светот – сите народи, и големите и малите, да живеат во братско заедништво со и во своите автентични имиња и идентитети. Не сакаме да веруваме дека само заради тоа што Македонија е мала земја Германија ќе го ризикува својот углед и ќе остане индифирентна на очигледниот идентитетски геноцид што врз нас го прави Република Грција и на тој начин уште повеќе ќе го заврзе „македонскиот јазол“, како што ја нарече својата книга првиот и многупочитуван германски амбасадор во Република Македонија, Ханс Лотар Штепан. Чудовишно би било ние, Македонците, уште еднаш да бидеме казнети само затоа што не сакаме да го промениме името на државата и сопствениот идентитет, поради што низ историјата многу пати бевме распнувани и страдавме.
Голема неправда и притисок врши ЕУ врз Македонија за добрососедските односи со Грција и Бугарија, наши соседи чии влади не го признаваат нашиот национален идентитет и во кои на делови од македонскиот народ кои живеат таму на најгруб начин им се ускратени основните човекови права и врз кои се врши невидена тортура и асимилација. Тоа го констатира во својот извештај и специјалниот известувач на Генералниот секретар на ООН, г-ѓа Мек Дугал.
Како што знате, Македонија пет години едноподруго од Европската комисија добива позитивен извештај за напредокот и препорака до Советот на министри на ЕУ да и се определи датум за почеток на пристапни преговори, но Грција не дозволува нашата земја да го оствари тоа право. Притисокот на ЕУ би требало да биде обратен, бидејќи онака како што е поставен целосно е апсурден, антицивилизациски, надвор од моралните и хуманистичките норми за кои декларативно се залага ЕУ.
Почитувана г-ѓо Меркел, дојдете во Македонија и запознајте ја нашата мала и онеправдана земја и народ. Вкусете залак леб и сол од неа и наслушнете го отчукувањето на срцето на народот, во кое уште апостол Павле забележа дека има само светлина и љубов за сите. Бидете на страната на „моралниот закон“ под „ѕвезденото небо“, како Вашиот славен предок Кант, под кое сите, па и Македонците, имаат право да живеат достоинствено во сопственото име и во сопствениот идентитет“ – стои во писмото кое е потпишано од Ефтим Клетников, Запро Запров, Георги Барбаровски, Стојан Стојков, Стефан Влахов-Мицов, Слободан Пренџов, Васил Атанасов, Александар Русјаков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


