Пожарот во манастирскиот комплекс „Трескавец“ вечерва е изгаснат. Според командирот на прилепската противпожарна единица Станко Колески кој е на теренот, 10-ина пожарникари, исто толку граѓани и полицијата остануваат ноќеска да ја следат ситуацијата.
Во големиот пожар што денеска избувна во манастирскиот комплекс околу 14 часот, изгореа конаците, а спасени се црквата „Успение на пресвета Богородица” од 13 век и трпезаријата која датира од 14 век.
Во борбата со огнената стихија денеска заедно интервенираа три армиски хелихоптери, армиска единица од прилепската касарна, противпожарната единица од Прилеп, возило од Битола и преку 200 граѓани кои се одзваа на апелот на Центарот за управување со кризи за да помогнат во гаснењето.
Прилепчани се потресени од огнената катастрофа зашто манастирот е едно од најпознатите свети и културни места не само за домашните, туку и за странските посетители.
Во Прилеп вечерва министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска најави дека увид на местото прават стручните екипи на прилепскиот Завод и музеј, а утре ќе биде доставена информација до Владата за потоа да се прави план и проект за обнова на овој споменик на културата со светско реноме.
Истрагата ќе покаже како настанал пожарот и колкава е штетата, но според првичните сознанија се појавил во гостинскиот оддел па стихијата ги зафатила монашките простории. Кога избувнал пожарот во манастирот биле искушеникот Калист и еден гостин.
За утре во Прилеп се најавени вонредни седници на Општинскиот и на Економскиот совет со цел да се направи план за обнова на манастирските конаци.
Ова е трет катастрофален пожар што го зафатил манастирот во минатото. Последниот се случи пред 23 години, односно на 9 јануари 1990 година кога целосно изгореа конаците.
Трескавец е еден од најголемите манастирски комплекси во Македонија и светски познат споменик на културата.
Сместен е на десетина километри од Прилеп, на падините под Златоврв. Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата Успение Богородичино. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, со прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, како и над Пелагонија.
Се верува дека е изграден во XII век, односно XIII век. Неговата разновидна архитектура укажува на разни обновувања и уривања. Во црквата се зачувани значајни византиски фрески.
Во манастирот често доаѓаат туристи и планинари. Најпосетуван е за празникот Богородица – 28 август. Тогаш во манастирот се собираат голем број Варошани и Прилепчани да го означат овој свет ден
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.