| четврток, 6 декември 2018 |

Берлускони: Наполитано треба да ме помилува

silvio-berlusconi-on-stage

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, кој оваа среда веројатно ќе биде исклучен од Сенатот заради казната за даночни измами, изјави дека италијанскиот претседател Џорџо Наполитано треба да го помилува, пренесоа британските медиуми.

Според Берлускони, Наполитано требало да го направи тоа без да ја спроведува нормалната процедура, која е задолжителна.

– Претседателот не треба ниту за миг да се колеба за ова прашање, туку треба да го преземе чекорот со кој ќе ја укине мојата казна за општествено корисна работа, без дури и јас да го молам за тоа, затоа што јас имам достонство да не го молам за вакво нешто, изјави Берлускони на средбата со младите приврзаници на партијата Форца Италија.

Поранешниот премиер ќе треба да работи општествено корисна работа како казна за даночните измами. Оваа казна тој ја оцени како наредба да ги чисти јавните тоалети, со што се сакало да се изложи на потсмев не само тој, туку и цела Италија.

Берлускони изјави дека гласањето за негово исклучување од Сенатот, во среда, претставува државен преврат и подвлече дека нема да ги остави нештата без да им се спротистави.

Поранешниот премиер се зарече дека ќе премине во опозиција доколку сенаторите гласаат тој да биде исклучен од Сенатот. Тој подвлече дека нема да поднесува оставка како сенатор пред гласањето, пренесоа американските медиуми.

Се очекува Берлускони да биде исклучен од Сенатот затоа што предлогот ќе биде поддржан од Демократската партија на премиерот Енрико Лета и Движење пет ѕвезди на комичарот Бепе Грило, посочуваат агенциите.

Заканите на Берлускони дека ќе мине во опозиција, меѓутоа, не претставуваат опасност за кабинетот на Лета, забележуваат американските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top