Управата за јавни приходи соопшти дека граѓаните кои минатата година оствариле дополнителен приход треба до 15 март да поднесат Годишна даночна пријава. Годинава се очекува до 200.000 граѓани да ја исполнат оваа обврска, а од Управата апелираат даночните обврзници тоа да го направат навреме за да се избегнат метежите во последните денови.
„Граѓаните имаат доволно време да ја исполнат обврската. Тоа може да го сторат од 1 јануари до 15 март 2013 година. Досега се поднесени 1.000 пријави, а за граѓаните да ги избегнат метежите достапни се повеќе услуги и начини на кои може да се поднесе ГДП“, изјави Весна Новаковиќ од УЈП, додавајќи дека токму затоа оваа година сакаат да дадат акцент на навременото поднесување на ГДП, а и кампањата е под мотото „Бидете во УЈП до 15 март“. Обврска за поднесување ГДП имаат сите кои оствариле приходи освен плата, пензија, приходи од земјоделска дејност, самостојна дејност и слично. Граѓаните треба да ги пријават дополнителните приходи од повремено вршење услуги, кирии, авторски договори, дивиденди, камати, игри на среќа и наградни игри, продажба на хартии од вредност, од учество на капитал и недвижен имот и слично.
Годишната даночна пријава не е променета во однос на минатата година.
Од УЈП велат дека во 2004 година имало поднесено 10.242 годишни даночни пријави, а минатата година 174.030. Пријавени биле 78,3 милијарди денари приходи, при што 5,1 милијарда денари се персонален данок. Најголем дел 84.754 пријави се поднесени во скопската регионала дирекција.
За непријавување на приходите и неподнесување на Годишна даночна пријава законски утврдените санкции се од 500 до 1.000 евра глоба. Минатата година 33.868 граѓани не ја исполниле обврската да поднесат доброволно Годишна даночна пријава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



