“Јас тврдам, иако не го следам непосредно цивилното општество, но имам една можност да го следам како политичар, ова денес е една голема пустина во цивилното општество. И ние политичарите и целите овие процеси го испустевме. Кога кажувам ние политичарите го кажувам тоа свесно, бидејки лажна е илузијата дека цивилното општество треба да биде надвор од политизираност. Но поставувам како теза, политизација виза ви партизацијата како два различни процеси”.
Ова е дел од изјавата на Гордан Георгиев на дебатата на Институтот за Цивилен Развој и Политолошки Анализи РесПублика при Правниот факултет “Јустинијан Први” . Дебатата беше организирана во соработка со Американската Амбасада во Скопје, во рамки на месецот на цивилното општество како дел од проектот наречен Civil Lyceum. Овој проект има за цел преку четири последователни панел дискусии, да придонесе кон унапредување на цивилното општество и ревитализирање на јавната дебата.
На првиот панел под наслов „Партизација на Цивилното Општество: Расправа за Отуѓувањето“ , кој се одржа на 16.11.2013 , во Музејот на Град Скопје на Георгиев му одговори пратеникот Антонио Милошоски. Според него “Не можеме да говориме за зависност или независнот на граѓанското општество, ако не ги вклучиме фондовите, од каде одредена ораганизација црпи средства и дали тој кој што ги доделува тие средства има политичка идеологија, одреден локален ангажман, бизнис интерес, културен, медиумски или било каков друг интерес и дали тоа влијае на граѓанската организација каде што се доделуваат тие средтсва. Мислам дека во Република Македонија и во овој момент и во претходните години, сеште се провлекува таа константа”.
Публиката, која во најголем дел беше составена од студенти, имаше можност да ги слушне размислувањата и ставовите на четирите панелисти во состав: Антонио Милошоски, Гордан Гeоргиев, Ненад Марковиќ и Иван Дамјановски.
Политологот Ненад Марковиќ смета дека „Цивилно општество е она кое ја врши својата фундаментална функција а тоа е симболичката, односно која премостува определени социјални дихотомии и поларитети кои се јавуваат по однос на општествени прашања кои се проблематични. Во принцип јас цивилното општество го доживувам, иако тоа е прилично идеалистичка позиција, како сфера во која се надминуваат разлики. Оние кој политиката не може да ги надмине. Имам еден “томаспeјновски” и “токвилијански” пристап дека асоцијацијата, јавниот дискурс, помагаат да се премостат разлики, помагаат да се дојде до определени компромисни решенија и вредности во општеството, кои би биле израз на некаква општа волја. Не се случува тоа”.
Околу еден час, модераторот и панелистите ги разгледуваа состојбите и перспективите на цивилното општество како ветувачка парадигма, во мугрите на демократските транзиции, влијанијата на партиите внатре во цивилното општество, за да на крај секој од свој аспект сумира што се случува денес со концептот на цивилно општество. Потоа се отстапи час и половина за она што и всушност е целта на овој проект: јавната дебата. Публиката со голем интерес зема учество, поставувајќи прашања до гостите и доби исцрпни одговори.
Проектот Civil Lyceum во организација на Институтот за Цивилен Развој и Политолошки Анализи Республика продолжува веќе оваа сабота 23.11.2013, со втората панел дискусија на тема: Мејнстримизација на Авангардата и Духот на Јавниот Живот. Локацијата е City Hall Center (МКЦ) со почеток во 18:00 часот, а како панелисти ќе присуствуваат Ана Јовковкса, Борис Дамовски, Александар Прокопиев и Сашо Мацановски – Трендо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.