| четврток, 6 декември 2018 |

Спасов: Огласот за вработување лица со инвалидност трае уште десетина дена

Околу 1.000 лица со инвалидност досега се пријавени на огласот за вработување во државната и јавната администрација. Огласот со кој се овозможува вработување на 300 лица со инвалидност трае до 1 декември.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, упати апел оние кои досега не аплицирале да го направат тоа со цел сите да имаат еднакви шанси и да бидат избрани оние кои се во најтешка состојба.

– Би сакал да ги мотивирам сите кои ги исполнуваат условите да аплицираат бидејќи огласот завршува за 10 дена. На него можат да се пријават сите слепи, слабовидни, глуви и наглуви, лицата со пречки во говорот и јазикот, лицата со комбинирани пречки, инвалиди на трудот, лицата со лесна и умерена попречесост во интелектуалниот развој… – рече Спасов по средбата со претставници на Националниот совет на инвалидски организации, во кој членуваат претседателите на сите национални организации.

Појасни дека од 300 работни места, 160 се за лица со ниска квалификација, 100 со средно и вишо образование и 40 за оние со високо образование.

– Лицата кои ќе ги исполнат условите и ќе бидат рангирани согласно критериумите во огласот ќе бидат вработени. Потоа комисија за оцена на работната способност на лицата кои ќе бидат примени ќе даде оценка на кои работни места би можеле да работат лицата. Работните места не можат во моментов да се дефинираат бидејќи на таков начин би ги скратиле правата на лица со одредени видови и степени на инвалидност – рече министерот за труд и социјална политика.

Тој истакна дека ќе бидат рангирани согласно критериумите утврдени со огласот при што предност ќе имаат оние кои подолг временски период се невработени, имаат пониски приходи во домаќинството и пониски лични приходи. Предност ќе имаат и лицата во чии семејства има повеќе од едно инвалидно лице, бидејќи тие се во потешка состојба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top