| четврток, 6 декември 2018 |

Дaрко ја презема одговорноста за Металург

Интервју со Дарко Станиќ, голманот на ракометниот клуб Металург, објавено во 2-от број на неделникот „Република“ (14 септември 2012)

Кога по 25 минути во најважниот меч од сезоната Металург ќе прими само три гола, не се потребни никакви анализи и статистики. Јасно е кој е одговорен за продорот на нашиот ракометен првак во групната фаза од ЛШ?
Станиќ: Минатата година на турнирот во Израел поминавме многу потешко против Хаслум, во последна секунда. Сега бевме многу посилни иако ни недостигаа двајца играчи, што беше и пресудно да го поминеме овој квалификациски турнир. Мислам дека тоа искуство што го добивме со учеството во Лига на шампиони придонесе многу. Поискусни сме, знаевме што значи тој турнир и имавме огромна желба. Затоа со целосна концентрација обезбедивме мечеви за полни трибини, а морам да истакнам и дека цело време, едноставно, нѐ носеше сознанието за тоа колку ќе значи победата и за ракометот и за целиот спорт во Македонија.

Велиш дека и концентрацијата на комплетниот тим била на високо ниво?
СтаниќДа, да. Феноменално. Јас досега го немам видено Металург толку коцентриран и подготвен за борба. Секој играч беше посветен од прв до последен момент, па дури и кога водевме со огромна разлика, од седум-осум голови, ритамот не паѓаше и затоа на крајот тоа беше толку супериорно.

Рано е исполнета, можеби, главната амбиција, да се стигне до групите од Лигата на шампионите и оваа година. Постои ли опасност сега да се умртват амбиции или, пак, ќе растат до нов елиминациски круг, до осминафинале, можеби четвртфинале?
СтаниќРано е да се зборува за тоа до каде и што можеме. Минатата година направивме голем успех, но секогаш е потешко да се повтори толку голем резултат. Имаме релативно полесна група, ако воопшто може да се зборува за лесна група во Лигата на шампионите во која сите гледаат своја шанса. Но, да бидеме искрени, има и потешки групи и тука имавме среќа. Сега треба клубот малку да се активира, сметам дека ни требаат едно до две засилувања за да ги издржиме сите предизвици. Треба да се надомести отсуството на Марковиќ на позицијата десен бек. Тоа е голем проблем. Со две вистински засилувања можеме да стигнеме далеку.

Darko-Stanic-2

И ти го делиш општиот впечатокот дека Металург е послаб од минатата година иако низ квалификациите помина многу полесно?!
СтаниќВо овој момент нема да речам дека сме слаби, илузорно е, нели, но немаме ширина, нема да можеме да издржиме многу натпревари. Можеме во еден-два меча, но ни треба дијапазон на играчи за да се издржи цела година. И клубот е свесен дека се потребни нови засилувања.

Ја споменавме групата: Шамбери, Киелце, Горење, Ст. Петербург и Силкеборг. Се чини дека е идеален состав за четврто место.
СтаниќЗа четврто? Па, да, сите се надеваме на тоа, но, сепак, и овој турнир покажа дека ако не дадеш максимум против послаби екипи на хартија, тешко дека ќе има резултат. Споменатите можат да се добијат, особено овде, иако и тие си имаат сметки, а, не заборавајте, сите тие се сериозни.

Колку си задоволен од својот настап на почетокот на сезоната?
СтаниќПа, добро, јас имав тешка сезона, односно тешка година. Практично, без одмор дојдов во Металург, но немам право премногу да се жалам, натпреварите доаѓаат, морам што е можно побрзо да се рефреширам психички, ментално. Сѐ уште се приспособувам, многу работи ми се случуваа во текот на летото, Олимписки игри, оди ваму-таму на турнири. Но, ете тој турнир во Норвешка добре дојде да се почувствуваме еден со друг, да направиме вистинска хемија во екипата.

Darko-Stanic-3Јасни ми се шпекулациите за моите одбрани и за поврзаноста со еден темен период од мојот живот и кариера (Станиќ беше суспендиран на две години поради користење недозволени средства з.а), но немам намера никому да му се правдам. Јас не бегам од тоа што сум го правел, па и не се срамам. Сето тоа влијаеше во изградбата на Дарко како голман и човек. Ајде да погледнеме од друг агол. Можеби токму тој дел, тоа отсуство ме направи ова што сум денеска.

Мир, концентрација, чувство, тренинг, искуство, храброст. Нареди ги по важност елементите што ги одвојуваат најдобрите од само добрите голмани.
СтаниќСето тоа што го спомена мора да се вклопи во едно. Тоа е врвот. Едно оди со друго, но, како што вели нашиот тренер Червар, мора да се да се има храброст, а со храброста одат и другите елементи.

Твојот рецепт, како се станува еден од најдобрите голмани во светот? Кај тебе тренинзите и не се баш најпресудни.
СтаниќПознато е дека поголем дел од голманите воопшто во сите спортови не се баш љубители на тренинг. Но, што е најдобро за голман?! Тоа им го зборував и на моите колеги во репрезентација, дека голманот не е тука само за да ги брани топките. Тој е столб на екипата и мора карактерно да биде силна личност. Така било отсекогаш. Вистинскиот голман некако е најсилна личност во тимот.

Дали ја презеде таа улога во Металург?
СтаниќДа, моите мотиви се многу јасни. Тоа го сакам. Јас не бегам од одговорност ниту во животот, ниту во спортот. Сакам одговорност. Дури и ми пречат играчи што ја избегнуваат и се кријат зад другите. Такви личности не сакам ниту во животот, ниту во спортот. За мене е подобро да се преземе одговорност, па дури и кога ќе се погреши. Згрешил, па што, следниот пат ќе биде подобро. Тој што не сака предизвици, ништо нема да направи.

Црна Гора, Србија, Словенија, Македонија. И уште тука се искуствата од Германија и Швајцарија. Каде најмногу се градеше, во кој клуб најмногу осозна или, можеби, попрецизно е да се праша кој најмногу влијаеше на стилот на Дарко Станиќ?
СтаниќНе можам да издвојам ниту еден клуб. Секој е ново искуство и влијаел во мојата надградба. Ако погледнам малку наназад сите тие клубови ми дале нешто нивно. Од Беране преку Црвена звезда и сите натаму до Металург. И немам забелешка за никого, само уште како многу млад сфатив дека професионалното оди паралелно со човечкото, па брзо, брзо сфатив дека треба многу работи. А да, сфатив уште нешто и расчистив дека Европа и странство не е за мене.

Darko-Stanic-4

Имаше ли некој тренер што остави белег на твојата кариера и каков е твојот однос со тренерот Лино Червар, со оглед на тоа дека станува збор за две верификувани ѕвезди во светскиот спорт, и ти и тој?
СтаниќИмав среќа што работев со одлични тренери и, пред сѐ, луѓе што сакале да ми го пренесат своето искуство. Што се однесува до Лино, тој е тренер, кој зад себе има фантастични резултати, навистина, тој е светска ѕвезда. Самото негово присуство во Македонија и во клубот додава престиж и за клубот и за ракометот во Македонија. Инаку со него не е лесно да се работи поради установените принципи, но факт е дека човек може многу да научи.

Го чувствуваш ли товарот на најплатен спортист во Македонија.
СтаниќДобро, јас ти кажав и предходно дека не бегам од одговорност. Нормално е колку повеќе се искачуваш кон врвот, обврските се сѐ поголеми и поголеми. Едноставно, јас не се оптоварувам со тоа, наједноставно се трудам да бидам најдобар во тоа што го работам.

За крај, во кој правец се движат клупски и репрезентативно, ќе ги наречам твоите Црна Гора, Србија и Македонија, имаат ли ракометна иднина?
СтаниќЧесно, најискрено да ти кажам, јас цело време и овде и во Србија, кога ме прашуваат велам дека актуелните успеси мора да се надградуваат и да се искористат. Мора да се работи во основа, да се придвижи машинерија за да има кој да дојде по нас. Таква е ситуацијата што немаме веќе играчи за извоз, а ова е поднебје што секогаш му нудело на европскиот пазар свежи сили.

Истото го зборува и Кире Лазаров. Приказните се совпаѓаат.
СтаниќГенерално, говорам за цел Балкан. Во моментов, очигледно, нема соодветни замени во македонската репрезентацијата. Не знам, не сум сигурен дали доаѓаат поубави или полоши времиња за ракометот овде, но факт е дека основата е лоша. Се надевам дека нема да бидам во право, но моментната ситуација е таква.

Имаш договор на три години со Металург и со оглед на тоа дека имаш 33 години, дали размислуваш овде да ја завршиш кариерата?
СтаниќСекако, тоа ми падна на памет, но од лично искуство знам дека човек никогаш не знае што носи животот утре и неблагодарно е да се занимавам со тоа што ќе биде в година или по две. Инаку, идејата за завршување на кариерата овде, па и за останување, не е лоша, нели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top