
Владата наскоро ќе објави тендер за издавање под концесија 80 нови локации низ земјава за изградба на мали хидроелектрани – најави премиерот Никола Груевски.
– До крајот на годинава постапката ќе биде отворена, а се надевам дека ќе биде завршена. Новина е што овој пат имаме подобро подготвени тендери со направена студија за оправданост за секоја од локациите, така што секој инвеститор однапред ќе знае каква хидроелектрана може да се направи, која е нејзината вредност, слабост и предност и со колкава моќ може да располага. Во 80 мали хидроелектрани ќе се вложат 176 милиони евра – рече премиерот Груевски одговорајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на основното училиште „Битолски конгрес“ во Скопје.
Тој посочи дека подобрениот тендер ќе биде и олеснување за државата бидејќи ќе се знае точната моќ на хидроелектраните што ќе се градат и на тој начин, нагласи, ќе може да се групираат подобри со послаби и да се продаваат како концесии во пакет.
Прецизира дека досега се издадени 60 концесии за мали хидроелектрани од кои дел се почнати да се градат, а дел од нив наскоро би требало да почнат да се градат.
– Нашиот зацртан план е да имаме 400 мали хидроелектрани и за толку се одредени места дека може да се направат низ Македонија. Како завршуваат студиите за оправданост, дел по дел ќе ги објавуваме – рече Груевски и додаде дека веќе се работи на следната фаза.
Изградбата на малите хидроелектрани, според премиерот Груевски, ќе биде значајна за енергетскиот потенцијал на Македонија.
– Иако се мали, со оглед дека се многубројни, кога ќе се соберат на куп ќе бидат значајна енергетска поддршка и ќе обезбедат поголема стабилност на енергетскиот систем на Република Македонија – рече Груевски.
Тој потсети дека Владата во овој момент преку АД „ЕЛЕМ“ инвестира околу 33 милиони евра во ревитализација и модернизација на шесте големи хидроелектрани во Македонија.
– Ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани треба да заврши до крајот на идната година. Со тоа не само што ќе им се подобри векот, туку ќе им се зголеми и капацитетот – нагласи Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии


