| четврток, 6 декември 2018 |

Меѓуетничките односи тешко се градат , лесно се уриваат кога крварат градските автобуси

Колумна

 

 

magdalena andonovska
Магдалена АНДОНОВСКА

 

„Големата амбиција е страста на силен карактер. Тие кои се задоени со неа, можат да направат многу добри или многу лоши дела. Се зависи од принципите од кои се водени“

Наполеон

 

Оваа мисла на големиот Наполеон ме наведе да размисливам за најновите случувања во Република Македонија, на полето на она што ние овде го нарекуваме почитување на меѓучовечките, или ако сакате, меѓунационалните односи. Колку тие во нашава земја и по дваесет и две години независност сеуште се наоѓаат во центарот на вниманието, или колку истите можат за момент да ја променат сликата, која секојдневно ја сликаме според стандардите пред се на домашното воспитување, и секако според конфигурацијата на нациоиналната застапеност во државата.

Навистина минавме долг пат на надмудрување, противречење, искричење… и што уште не, се додека не стигнавме до онаа точка на зрелоста, која успеа да не убеди во тоа, дека не можеме повеќе да живееме еден покрај друг, туку еден со друг. За жал и по пат на конфликт научивме дека почитувањето на оној другиот е основната нишка за просперитет и разбирање. Научивме дека разликите меѓу нас не треба да не оддалечуваат, туку напротив, да не спојуваат, бидејќи на тој начин учиме еден за друг.

И ако сево ова го научивме за жал по потешкиот пат, се прашувам зошто треба само малку сето тоа да се урниса и повторно, незнам веќе по кој пат, да не врати на почетокот. Ова прашање си го поставив, читајќи за најновите случувања во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, кога група хулигани, или непознати маскирани сторители, нападнале средношколци кои се враќале од училиште. На јавно место и во јавен превоз. Без причина, но со очигледен повод, а чиј епилог беше клиничка хоспитализација на неколкумина млади малолетни лица. Тепачите и тепаните се ученици од различни училишта и различна национална припадност.

Овој последен сегмент од информацијата, беше всушност и најцитираниот дел во јавноста, кој требаше да предизвика бран негодување, омраза, и нови инциденти. Токму тој, бидејќи за него од една страна најмногу може да се говори, а од друга, најмногу предизвикува ефект или револт, кај сите граѓани на Република Македонија. Не само поради поради фактот што се работи за деца, категорија која по дифолт е ранлива, туку и поради фактот што се работи за младина која доаѓаод различна национална  припадност. А токму таа, различната национална припадност е секогаш точката околу која зоврива атмосферата, и за жал повротно не враќа назад, односно на самиот почеток на азбуката кога учевме за тоа што значи да се почитува другиот кој е поразличен од нас.

 

ИНЦИДЕНТИТЕ НЕ СЕ ТЕМА ЗА РЕКЛАМА

 

Но, зошто крвавите инциденти, особено меѓу средношколците треба да бидат предвесник на нечија агенда, или, пак треба да бидат арената за политичките препукнувања. Навистина не ја знам заднината на овие инциденти. Можеби навистина се работи за средношколски недоразбирања, кои едноставно излегле од контрола, и кои треба да бидат решени од страна на Министерството за внатрешни работи, иако во ниту еден момент не треба да се минимизира податокот дека инцидентот заврши со клиничка хоспитализација.  Но, во секој случај не можам да не го забележам фактот, дека од ваков инцидент кој може да има навистина големи последици, некој сака да направи политичка агенда, или што е уште пострашно тема на тенот. Инцидент, кој не е исклучено да се обнови, и кој од секој аспект може да предизвика низа реакции кај граѓаните, пред се поради тоа што се работи за ученици од различна национална припадност. Тема, која многу лесно го буди чуството на омраза, бес и револт.

Не е спорна агендата на една политичка партија која е во опозиција. Таа треба да ги бара темите насекаде околу себе за да може да поентира во јавноста, односно кај своите потенцијални гласачи. Но, мошне е невкусно кога се обидува да го подигне својот рејтинг или, да изгради имиџ на загрижена партија, при тоа критикувајќи ја власта за овие инциденти. Зарем опозицијата не размислува за фактот дека коментирајќи ја неспособноста на Министерството за внатрешни работи, или, пак Владата воопшто, да се справи со овој случај не ги поттикнува граѓаните да ја земат “работата во свои раце“!? Не ги потикнува родителите да се вмешаат во целиот овој процес!? Што ако се случи тоа? Каде тогаш ќе заврши бранот на насилството? Ќе бидеме ли сведоци на крвна одмазда? Ќе треба ли да се вратиме назад. Сосем на почетокот кога говореме и учевме што значи да бидеш добар граѓанин, сесед и пријател. Или, пак што е уште пострашно да се креира ситуација, дека ваквите настани можат да бидат режирани. Кој е тој политичар, или политичка гарнетура, која за дефокусирање на јавноста, од одредена тема, или од било каков проблем, може во залог да стави малолетни лица. Деца чие претепување и физички последици нема да им значат ништо.

Навистина се прашувам до каде може да оди заложбата за себе промоција, или пак, до каде може да оди критиката чии последици се непредвидливи. Но, во исто време не можам а да не размислувам за поентата на ваквите настани, кои одвреме навреме постојано ни се обновуваат и тоа се некако во ист термин. Не сакам во целост да го прифатам фактот дека инцидентите со меѓуетнички предзнак и тоа во автобусите на ЈСП, се случуваат секогаш пред некој значаен политички настан за Република Македонија. Но, не можам да го премостам фактот дека токму ваквите настани секогаш предизвикувале серија лоши последици и извештаи за напредокот на Република Македонија на патот кон Европската Унија.

 

ГО СЛУША ЛИ НЕКОЈ ШЕПОТОТ НА ЛИДЕРИТЕ?

 

Ако насилствата меѓу младите и тоа секогаш по ист терк се случуваат во автобусите на ЈСП кои се на редовна линија во приградските населби на Скопје, каде живее мешан етнички состав, тоа веќе треба да биде сериозен аларм за градоначалниците на тие општини дека ваквите ситуации треба навремено да ги санираат. Се разбира дека не можат комплетно да ги искоренат, но можат барем да изнајдат начини како полесно да се справат со нив. Токму тие општинските татковци се лицата кои треба да комуницираат и со родителите на овие деца, кои треба да влијаат на нив, исто како и нивните наставници, кои, пак, ако се суди според однесувањето на учениците, оддамна ја изгубиле битката за надмоќ и влијание. Но, во секој случај алармирањето на сите чинители за сопирање на оваа појава, која за жал во последно време станува честа практика, треба да се случи час поскоро, и тоа не само тогаш кога има инцидент, туку треба да биде составен дел на работата на сите тие лица и институции, кои можат да влијаат на спречување на оваа појава. Ако честото или зголеменото патролирање на полицијата во овие региони го дава значајниот и потребниот ефект, зошто се запира со него, по извесен период, или истиот повторно се активира кога ќе се случи инцидент?

Не можеме да “спиеме на тоа уво“ дека ако се случил еднаш нема да се случи повторно, пред се поради фактот што истите овие тепачки по автобуси веќе не можат да се сметаат за изолиран случај. Не е спорно дека јавноста би требало да има доверба во службите за јавен ред и мир, односно во нивната ажурност во пронаоѓањето на овие млади лица, кои можеби поттикнати од некого, одлучуваат да реагираат филмски, ставајќи маски на глава, небаре се дел од кастингот за најновиот филм на Џемс Бонд. Но, исто така јавноста, особено родителите мораат да бидат убедени дека нивните деца се безбедни на училиште. Во оваа клучна разврска за добивање доверба, нема главно место само Министреството за внатрешни работи, како надлежна институција, туку многу повеќе политичките партии, кои контролираат голем дел од граѓаните на Република Македонија. Овде пред се мислам на лидерите на албанските политички партии, кои веднаш по случувањето требаа да излезат со осуда за инцидентите и се разбира за подршка на МВР. Но? Молкот може да се толкува како секаква реакција. Незнам колку Али Ахмети, Мендух Тачи, Руфи Османи…. се свесни за функцијата која ја извршуваат и влијанието што како претседатели на партии го имаат врз јавоста и врз младите? Незнам колку се свесни дека нивниот молк, можеби некој може и да го протолкува како одобрување!? Од таму нивната реакција во вакви случувања е неопходна, пред се поради тоа што токму тие треба да бидат примерот врз основа на кој во иднина треба да се гради довербата меѓу граѓаните од различна национална припадност, но во исто време и да се дава пример за младите. Во спротивно, што би рекол, Наполеон, големата амбиција може да направи и многу лоши дела. Се зависи од принципите од кои се водени.!

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top