Цариниците на „Деве Баир“ вчера запленија 1.500 парчиња накит „сваровски“. Накитот бил ставен во куфер на бугарска државјанка, која се обидела да го прошверцува во Македонија.
Околу 9 часот утрото на граничниот премин „Деве Баир“ за влез во државата се пријавило патничко моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од државјанин на Бугарија, а како сопатник патувала и осомничената во случајот, исто така бугарска државјанка, со иницијали И.А.
На прашање на царинските службеници дали имаат нешто да пријават, патниците изјавиле дека немаат ништо и дека патуваат туристички во Скопје, каде што ќе останат три дена. При контрола на нивниот личен багаж, во пет патни торби покриени со хартиени каталози за накит, пронајдени се 1.449 парчиња накит од трговската марка „сваровски“ – кристали, приврзоци, апликации и монистри со приближна тежина од четири килограми, стои во соопштението од Царината. Бугарката се претставувала како менаџер за „сваровски“ за Бугарија, Македонија и за Србија. Во Република Македонија доаѓала со цел да изврши презентација на накитот кој не е нејзина сопственост и не е наменет за продажба, туку од фирмата каде што е вработена ѝ бил даден како презентациски материјал.
Вредноста на стоката изнесува 420 илјади денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.