| четврток, 6 декември 2018 |

Аризанов: Со закани се штити штетата на македонското земјоделство

arizanovПретседателот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија“ од Кавадарци, Љупчо Аризанов, денеска остро ги осуди вчерашните изјави на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за продажбата на токсичните корнишони.

– Ваквото нешто е неразумно во време кога земјава сака да влезе во Европската унија. Со токсичните краставички ѝ е нанесена неправда на целата држава. Нивните производители и извозници се виновни според мене и треба да си ја сносат вината и последиците. Соодветна казна да добијат таквите луѓе кои не се однесуваат спрема европските стандарди. Факт е дека некој направил пропуст, па произвел и извезол токсична стока која не е за употреба и е за поништување. Сметам дека на таквите не им е местото во земјоделството и извозот – рече Аризанов и додаде дека заканите со тужби кон сите оние кои го осудија ваквиот чин со „отровните“ краставички  не држат место оти таквата постапка да се извезат токсични земјоделски производи навистина е за осуда.

– Нереално е некој да се заканува со тужби во вакви услови и да ги штити неправилните работи кои му штетат на македонското земјоделство. Оти од случајот со токсичните краставички не патат само земјоделците, пати и целата држава. Неоправдани се реагирањето и заканите со тужби – додава Аризанов.

Земјоделските здруженија се независни и никој нема право да се осмелува да покажува политичка сила над нив. Реакциите кои доаѓале од земјоделските здруженија, а се во корист на земјоделецот, требало да бидат поддржани од сите политички партии, нагласи Аризанов.

– Земјоделците особено треба да внимаваат кога е во прашање каренцата на пестицидите и тогаш кога мешаат повеќе хемиски препарати – истакна претседателот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија“ од Кавадарци, Љупчо Аризанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top