Министерството за внатрешни работи расветли два од трите инциденти што минатата недела се случија во автобуси на ЈСП во Скопје. Сите лица што се идентификувани дека учествувале во насилството се малолетни, а двајца од нив учествувале и во двата инцидента. По превземените мерки и дејства за откривање на сторителите, извршените разговори и препознавање лица, осомничени се вкупно 13 малолетници, со што бројот на малолетници што годинава се откриени и санкционирани поради учества во инциденти се искачи на 150 лица.
Станува збор за насилствата извршени врз 17 годишен ученик од Скопје, кој на 14 овој месец околу 13 часот, на ул.„Трета македонска бригада“ во автобус на ЈСП бр.33, од страна на поголема група ученици, без повод и причина бил физички нападнат, со тупаници по телото, при што му биле нанесени видливи повреди, поради кои му е укажана лекарска помош. Другото дело е извршено наредниот ден во 12,40 часот врз 15-годишен ученик во автобус на ЈСП бр.7, каде што од страна на поголема група ученици на негова возраст, без никаков повод и причина почнале да го удираат со боксови во пределот на главата и на рацете.
За првиот случај осомничени се следните лица: А.Ј.(15), А.З.(17) и Е.Ј.(16) од Скопје, Ј.Б.(16) и М.Х.(16) од Батинци, Е.А.(16) и Л.Ј.(16) од Грчец и Х.Е.(16) од Студеничани.
За вториот случај осомничени се следните лица: Е.Ј.(16) од Скопје, И.И.(16) и А.Р.(15) од Арачиново, Х.Е.(16) од Студеничани и А.К.(17) од Рашче. По комплетирањето на целокупниот материјал, против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Инаку, малолетниците Е.Ј., Х.Е., М.Х. и А.З. се познати сторители на кривични дела со елементи на насилство, така што против малолетникот Е.Ј. се поднесени две кривични пријави по член 385 и 386 од КЗ на РМ, против малолетникот Х.Е. поднесена е една кривична пријава по член 385 од КЗ на РМ, против малолетникот М.Х. поднесена кривична пријава по член 385 од КЗ на РМ а против малолетникот А.З. поднесена е кривична пријава по член 237 од КЗ на РМ. Министерството за внатрешни работи интензивно работи на расчистување и на третиот инцидент кој се случи во автобусот на ЈСП број 65.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.