Европските акции денеска зајакнаа поттикнати од подобрените изгледи за европската економија.
Лондонски FTSE порасна за 0,42 отсто на 6.721 поен, германски DAX за 0,63 отсто на 9.226 поени, додека париски CAC беше во плус 0,72 отсто и изнесуваше 4.323 поени.
Инвеститорите и трговците истакнуваат дека долгорочните изгледи за европските берзи на акции во 2014 година и натаму се позитивни со оглед на сигналите за постепено закрепнување на европската економија од должничката криза, иако во краткорочна перспектива цените на акциите би можеле да бележат надолен тренд.
Податоците што во понеделникот ги објави Евростат покажаа дека трговскиот суфицит на еврозоната во септември пораснал над очекувањата, додека германската централна банка Бундесбанк објави дека германското економско закрепнување во наредните месеци ќе се зацврсти.
Инвеститорите ги охрабри и намалувањето на клучните каматни стапки во еврозоната на ново рекордно ниво од 0,25 отсто, со што ЕЦБ сигнализираше дека е подготвена да го поттикне економското закрепнување.
„На краток рок се очекува состојбата да биде стабилна на пазарот на акции“ заклучува Ерик Бендахан од компанијата Syz.
„Подобрувањето на економијата е дел од сложувалката која недостасуваше, но водечките показатели во развиениот свет и во Европа сега се позитивни и потврдуваат на враќање во зоната на раст, со врамнотежен раст на северна и јужна Европа“, додаде аналитичарот.
Меѓу добитниците се издвои германски RWE чија акција порасна за 7,7 отсто откако Exane BNP Paribas и го покачи инвестицискиот рејтинг.
Компанијата Сонова исто така доби на вредноста, и тоа 6,7 отсто, откако објави подобрување на годишните насоки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


