| четврток, 6 декември 2018 |

Дворови до 500 квадратни метри за по едно евро

indexЗемјиштето на легализираните семејни куќи од денеска може да се откупи по цена од 61 денар за еден квадаратен метар за парцели до 500 квадратни метри. Доколку парцелата е поголема, делот што надминува 500 квадратни метри ќе се отуѓува во согласност со цените за продажба по пат на непосредба спогодба, односно истите цени што се плаќаат за оформување на парцелата.

Износот на цената за откуп на земјиштетото го соопшти денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, презентирајќи ја уредбата што за таа намена ја донесе Владата.

Според Јанакиески, досега во целата држава се легализирани околу 60.000 објекти. Во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 58.400 објекти, од кои 586 на правни лица, а другите на физички лица. Запишани се и 692 базни станици.

Со овие мерки, истакна министерот за транспорт, ќе се излезе во пресрет на голем број семејства и стопанственици што не можеа да се здобијат со сопственост на земјиштето на кое веќе имаат изградено објект.

– Направените анализи покажуваат дека најголем дел од куќите предвидени со урбанистичкиот план се до 500  квадратниметри. Таму каде што има поголеми дворови ќе се плати повисока цена во согласност со правилникот во зависност од местоположбата и општината – наведе Јанакиески.

За индустриските објекти, додаде, нема ограничувања за квадратурата на парцелата. Цената што ќе се плаќа за земјишето под објект се еднаква со ценовникот на Министерството за финансии и варираат од 240 до 480 денари за еден квадратен метар, во зависност од општината и регионот. Дворовите, пак, се приватизираат по цена од едно евро за еден квадратен метар.

– Очекуваме со овој процес и со давањето поволна цена пред се за индивидуалните куќи да овозможиме целосно затворање на циклусот на сопственост на земјиштето каде што има нелегално изградени објекти – рече Јанакиески.

Во согласност со законските одредби, укажа, се воведува и еднократен надомест за воспоставување право на службеност во износ од 10 проценти од продажната цена на земјиштето за одредена намена по пат на непосредна спогодба. Тука најчесто станува збор за изградба на мали хидроцентрали, што било едно од барањата на концесионерите.

Според министерот за транспорт, засега не се планира пролонгирање на рокот за доставување елаборати за легализирање на објектите, што истекува во јуни в година, но целиот процес се следи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top