За првпат по распадот на Кралството Југославија, Македонци и Срби си ги вперија пушките едни во други чекајќи наредба за оган. За тие што не се сеќаваат, нашата држава беше пред отворен воен судир со Србија пред нешто повеќе од 16 години. Тензијата на Чупино Брдо, мошне важна воено-стратегиска точка кај Крива Паланка, на самата граница со Србија, како и многу други настани од македонската историја, остана неразјаснета, а таква е и сега. Официјалниот став на нашите власти и натаму е дека станува збор за провокација од српска страна, која е решена мирољубиво, додека за Србија не може да стане збор за провокација бидејќи границата тогаш не беше обележана, што е точно. И двете страни може да се каже дека тогаш биле во право, но, сепак, на ливадата на Чупино Брдо, на истото место каде што српските војници ги поставија своите шатори, стои граничниот камен на кој пишува Република Македонија. Кон крајот на летото 2005 година него гордо го отвори Илинка Митрева, тогашната министерка за надворешни работи, заедно со Горан Свилановиќ, нејзиниот колега од тогашната СР Југославија.
Што се случи навистина
„На 14 јуни 1994 година Војската на СР Југославија влезе 250 метри на територијата на Република Македонија кај местото Чупино Брдо, кај Крива Паланка. Се повлече на 2 јули 1994 година“. Само ова стои во делот за историјатот на АРМ на интернет-страницата на Министерството за одбрана. Нема објаснување зошто војската од север воопшто упаднала на македонска територија, ниту кој преговарал. Го нема ни делот што тогаш во 1994 година беше објавен во медиумите, дека УНПРЕДЕП помогнал во преговорите, иако тогашната мисија на ООН воопшто и немала мандат за тоа, туку била задолжена само за границата во делот со Косово и со Албанија. Затоа, пак, медиумите и во Србија и во Македонија (тогаш сите медиуми во двете земји сѐ уште беа под директна контрола на државата) известуваа со две крајно спротиставени верзии за инцидентот. Белградска „Политика“ отиде дотаму што пишуваше како да почнала војна меѓу двете земји:
„Македонците отворија минофрлачки оган на нас, без никакво предупредување. Чиста среќа е што никого не погодија. Ние возвративме со нашето оружје и тие веднаш се повлекоа“, изјавил еден војник за весникот, кој, наводно, бил на Чупино Брдо. Некои македонски медиуми, пак, шпекулираа дека тукушто формираната единица „Волци“ ги нападнала Србите на спиење, ги заробила и ги натерала да си одат на нивна територија.
Се чини дека ништо од ова не е точно. „Република“ направи интервју со неколкумина директно и индиректно вклучени во инцидентот и ниту еден не кажа дека дошло до размена на оган, иако верзиите повторно беа различни. Нашите соговорници, сепак, не ја знаеја целата вистина и не можеа јавно да зборуваат. Сѐ уште ја носат армиската униформа.
– Станува збор за обична провокација од српска страна и за ништо повеќе. Непосредно пред инцидентот, војската на СР Југославија, поточно 52. Приштински корпус, вршеше вежби во близина на Чупино Брдо. Еден вод нивни војници преминале еден поток под ливадата и едно 250 метри навлегле на наша територија. Српските војници поставиле шатори на таа ливада. Позицијата е одлична на набљудување. Нашите граничари ја известија командата, по што беше дадена наредба прво да се испрати извидувачката чета, а потоа околу Чупино Брдо беа распоредени воените специјалци „волци“. Специјалците само што беа формирани, не беа во формација ни два месеца, ова им беше прва акција. Немаше размена на оган, тензијата траеше две недели, српската војска се повлече и толку – ни раскажа еден офицер.
Кој и што преговарал не знаеше или не сакаше да каже. Паѓа в очи и непостапувањето според Законот за одбрана (донесен претходната 1993 година), кој налага граничарите да отворат оган по две предупредувања.
Спасувањето на Драгољуб Боцинов од српскиот затвор, формирањето на единицата „Волци “ од Мирослав Стојановски или чисто борба за поголема територија на сметка на Македонија – мистеријата зошто српската војска упадна на македонска територија до денес не е разрешена
Битка за честа?
Но, за случувањата околу Чупино Брдо, сепак, е поважен мотивот за целиот настан, односно зошто дошло до српската провокација. Во размислувањата на нашите соговорници најчесто се споменуваат две имиња – тоа на некогашниот вицеадмирал на ЈНА Драгољуб Боцинов и тоа на тогашниот полковник Мирослав Стојановски.
Првиот во нашава анализа за можна причина за инцидентот на Чупино Брдо, Драгољуб Боцинов, е човекот што беше доживеан како непријател на Србија, а само на една година пред Чупино Брдо, Боцинов, со чин генерал-полковник, станал началник на Генералштабот на АРМ. Вицеадмиралот на Југословенската воена морнарица, заповедник на военото пристаниште Лора кај Сплит и началник на Морнаричкиот спортски центар, влезе во хрватската историја како адмиралот што во 1991 година одби да го разнесе Сплит иако за тоа доби наредба директно од Генералштабот на ЈНА.
– Тогаш раководството на КОС (Контраразузнавачка служба на ЈНА) доби наредба да го ликвидира Боцинов. За тоа беше задолжен офицерот за безбедност во Сплит, водникот З.С., инаку Македонец. Убиството требаше да се случи при обид за бегство на Боцинов бидејќи според законите на СФРЈ, нему претходно мораше да му се суди во Воениот суд во Белград поради одбивање да изврши наредба – раскажува нашиот соговорник.
Боцинов бил уапсен на 1 септември 1991 година и бил одведен в притвор во белградски затвор. И покрај неговите објаснувања дека не можел да го гранатира Сплит поради тоа што ќе настрадале многу цивили, судијата го осудил на 18 месеци затвор. На изненадување на многумина, Боцинов во периодот од донесувањето на пресудата до нејзиното пишување бил пуштен на слобода. Токму тогаш требало да биде ликвидиран, но неговиот несуден убиец станал негов спасител. Водникот на КОС се поврзал со уште една член на КОС, Македонец, кој тогаш учествувал во создавањето на македонските тајни служби. Двајцата организирале илегален транспорт на вицеадмиралот. Боцинов се вратил во Македонија, каде што по кратка пауза, во 1992 година е поставен за заменик на началникот на Генералштабот, Митре Арсовски, на штотуку формираната АРМ, а во март следната година и за началник на целата македонска војска. Боцинов почина по кратко боледување во 2006 година, додека неговиот несуден убиец е сѐ уште активен офицер на АРМ. Српските медиуми гневно барале реакција на Владата во Белград поради „македонскиот упад“ во правниот систем на Србија.
Дали провокацијата на Чупино Брдо е одмазда за спасувањето на Боцинов? Нашите соговорници се сомневаат дека ова е мошне веројатна причина во расветлувањето на случајот.
Србите ја тестираат новата македонска војска?
Една од најверојатните претпоставки за инцидентот, секако, е самото формирање на АРМ во 1992 година, а особено на елитната единица „Волци“. Нејзин основач, како што е познато, е тогашниот капетан од прва класа Мирослав Стојановски. Поранешниот командант на антитерористичката единица на ЈНА сместена во Ниш важел за мошне способен специјалец. Стојановски е уште поинтересен бидејќи пред доаѓањето во Македонија учествувал во агресијата на ЈНА на Хрватска. Хрватските ветерани го обвиниле дека учествувал во масакр на хрватски цивили, но не е поднесено обвинение.
Дали неговите поранешни колеги ги тестираа Стојановски и неговите „волци“? И ова е многу веројатно.
Двете влади никогаш не открија ниту кој преговарал за повлекувањето на војската на СР Југославија од оваа точка, ниту зошто дошло до инцидентот, за на крајот да се покаже дека војската на северниот сосед воопшто не се ни повлекла сѐ до 2005 година.
Сепак најверојатна е верзијата, според која северниот сосед се обидувал да ја заземе оваа стратегиска точка за да има подобри позиции при идните преговори за обележување на границата. Чие е Чупино Брдо беше нејасно, а се чини дека нејасно е и денес. Во средината на мај 2005 година поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски во ТВ-емисијата „Светла точка“ на ТВ „Сител“ изјави дека Чупино Брдо, иако ѝ припаѓа на Македонија, сѐ уште е под контрола на српските војска и полиција. Премиерот на Македонија, во тоа време Владо Бучковски, коментирајќи ја оваа изјава рече „тоа што го говори Георгиевски не е само уникатен пример во нашата држава. Има отворени проблеми и меѓу Хрватска и Словенија, па едните се во ЕУ, а другите одат напред. Проблемите што во минатото беа околу Чупино Брдо, околу обележувањето на границата и разграничувањето со Србија, немаат никаков одраз на релациите меѓу двете држави”, оставајќи ја јавноста без дециден одговор дали овој проблем сѐ уште постои.
(Пишува: Александар Божиновски
Текст објавен во 1. број на неделникот „Република“, 7.09.2012)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст