Детективските приказни при документирањето на доказите се далеку од американските филмови, велат неколкутемина македонски приватни детективи. Детективската работа од докажување на недоумиците, преку пронаоѓање лица до прибирање докази поврзани со кривични дела е тешка и напорна. Притоа, законската рамка го стеснува опсегот и користењето техники.– Женската интуиција дека партнерот има афера е најчест случај. И, за жал, најчесто жените се во право. Но, секако, дека тоа се само мал дел од бараните услуги. Сѐ почесто родители бараат информации за своите деца, да провериме дали се во лошо друштво или дали имаат проблем со пороците, често се проверуваат негувателките на деца и домашните помошници, а тогаш се поставуваат уреди за следење и за документирање во домот. Не недостигаат и длабински истражувања за дел од сопствениците на домашните компании, за тоа какви личности се, доколку домашна или странска компанија го побара тоа пред да почне соработка и вложувања – пренесува детектив Ванчо Габер, кој со години работел во државните безбедносни институции.
ПРИЧИНИ ЗА СОМНЕЖ ЗА АФЕРА
Според кажувањата на детективите, сите прикаски за сомнеж за љубовни афери личат една на друга. Партнерот одненадеж има поинаква домашна практика, не ги исполнува обврските, не ѝ обрнува внимание на партнерката, го менува стилот на облекување, внимава на себе, користи парфеми, се дотерува, меѓу другото и често менува долни алишта, кои се модерни, но не и комотни како дотогаш. Секако, тука се и „тајните“ СМС, скриените телефони, фотографии, подароци… И, да бидеме искрени, во најголем број случаи женската интуиција се покажала како точна. За разлика од жените, мажите многу поретко бараат детективски услуги, сигурно им недостига „интуиција“, но и жените имаат поспецифично однесување, откриваат македонските детективи.
Закон има, ама не е според детективските желби
Македонските детективи од декември, кога ќе влезат во сила измените на Законот за кривичната постапка, ќе имаат поголем простор за работа. Со тие измени, одбраната со помош на приватни детективи ќе прибира корисни докази. Засега, велат, законот ги ограничува опсегот и детективските техники. На пример, не се дозволени никакви прислушувања (што, пак, се чести барања од клиентите), или фотографирање, што е на граница на нарушување на слободите и на правата, подметнување електронски уреди за следење, снимање, фотографирање. Така, прашуваат тие, како би документирале доказен материјал.
ПРИВАТНО СЛЕДЕЊЕ
На интернет се нудат компјутерски програми за прислушување на мобилните телефони „за приватни цели“ преку кои, без знаење на прислушуваниот, се снимаат неговите разговори, пораките, се следи неговото движење, се има увид во броевите со кои комуницирал. Тие програми овозможуваат дури и активирање на телефонскиот микрофон кога тој не е во употреба. Технологијата е тука, предупредуваат стручњаците, па советуваат телефоните се безбедни само кога им е извадена батеријата. Но ниту тоа не е гаранција.
Детективот Бранко Милевски, поранешен дел од одбранбените структури, посочува дека од материјалните докази пред македонските судови им била призната само фотодокументација во бракоразводна парница.
– И дури и тогаш не би сакале да го споменуваат како доказ обезбеден од детективи, туку дека се фотографии од вклучени во процесот, семејството, пријателите – додава Бранко Милевски.
Иако Законот за детективска дејност во Македонија е донесен уште во 1999 година, а измени се направени во 2007 година, првите детективски лиценци од МВР се издадени во 2010 година. Дејноста тука сѐ уште се смета за нова, за разлика од државите во регионот. Дури и институциите и фирмите тешко даваат информации, иако се законски обврзани. Граѓаните, пак, бараат услуги што не се опфатени со Законот, па се повлекуваат. Причина за тоа е и цената од околу 20 евра за еден час. Многу се поскапи барањата на лица со скриен идентитет во странство, па поради тоа тие истраги се ретки. Меѓу разликите, на пример, со Словенија, каде што постои и Комора на детективи, наведени се и препорачани цени за услугите, околу 70 евра за еден час, но и други олеснувања што, пред сѐ, се однесуваат на дискрецијата, која се гарантира.
– Најтешко е странките да ја преминат психолошката пречка, да се доверат пред детектив, до тогаш странец, на пример во однос на верноста на партнерот, или, пак, на неговата сексуална ориентација. Кога ќе се спомене дека треба да заверат на нотар договор и овластување за детектив, странките се повлекуваат. Приказната за дискрецијата – основа за нашата работа – излегува од тие рамки. Се појавуваат пред нотарот, има други странки во чекалницата, вработените, а ова е мало место, во кое луѓето се познаваат и не сакаат да бидат дел од „јавна тема“ – вели детективот Јован Димитровски.Друга пречка што ги ограничува во работата е неможноста да бидат ангажирани од домашни или странски државни органи. На пример, да ги ангажира амбасада во случај на исчезнат странски државјанин или, пак, откривање измами поврзани со социјалната помош или боледувањата.
– Во Словенија лиценците ги издава комората, каде што се полагаат испити за тие што не потекнуваат од државните безбедносни служби, туку се дипломци од соодветните факултети. Засега македонските детективи се поранешни вработени во безбедносните служби, кои мора да почекаат две години за да добијат лиценца за детективска дејност – објаснува Димитровски.
Детективите во служба на осигурителниот бизнис
Во овие неколку години, македонските детективи најмногу се ангажирани од осигурителните компании и од деловниот сектор. Деловните партнери многу често пред да влезат во заеднички вложувања бараат длабинско истражување за идниот соработник. Под лупа е бонитетот на компанијата, што е традиција во капиталистичките држави. Се испитуваат однесувањата на сопственикот на компанијата, се проверува неговиот статус, склоности, поранешен бизнис и соработки, можни мани, како коцка или неморал, потоа поврзаност со разни сомнителни групи.
Осигурителните компании, кои се на удар на измамниците, се редовни клиенти на детективите. Глобалната статистика вели дека на измами отпаѓаат меѓу два и пет проценти од вкупната премија во осигурителниот пазар. Во македонски услови, тоа значи три до пет милиони евра преточени од осигурителните компании кај, како што посочува детективот Јован Димитровски, добро организирани групи.– Најчесто се фалсификува медицинска документација за исплата за нематеријална штета при исценирани сообраќајни незгоди на регионален пат во кои причинител е непознато возило. Потоа, случаи на „наместени“ сообраќајни несреќи во кои настрадал мотоцикл, а „виновник“ се возила осигурани во различни компании. Оштетените делови на мотоциклот се монтираат пред „сообраќајната несреќа“, па за истите делови се земаат неколкукратни премии. Следуваат наместени кражби на скапи возила осигурани каско, а најтешки за докажување се несреќите и исплатите на осигурувањето имот – додава Димитровски.
Текстот е објавен во Неделник Република бр. 62
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)
-
Хит на Фејсбук: Хрватски полицајци се обидуваат да поправат службено возило (видео)
-
Само кренат глас ќе се слушне: Полицајците во понеделник на марш низ Скопје
-
Убиецот од Мала Речица вечерва приведен во селото Гајре




