
Албанскиот премиер Eди Рама го одби барањето на САД за уништување на хемиското оружје од Сирија на територија на Албанија.
Албанскиот премиер го послуша гласот на народот и во обраќањето до нацијата, кое го имаше попладнето, Рама порача дека Aлбанија не е способна да го уништи хемиското оружје. Тој телефонски разговарал и со државниот секретар Џон Кери. Владата на Албанија попладнево беше опколена со стотици демонстранти, кои со денови протестираа против можноста оружјето да биде уништено во фабрика на само 50 километри од границата со Македонија.
– Јас не би сакал да ги коментиран одлуките на албанската влада, но морам да кажам дека ќе биде разочарувачки за САД ако одлуката биде негативна. Имаме доволно време и енергија за да обезбедиме најдобра експертиза за да се изведе оваа операција .
Сомнежи за потенцијалот на Албанија да го уништи опасниот гас има и Организацијата за превенција од хемиско оружје која на вонреден состанок во Хаг се консултираше за последниот развој на настаните. Во анализата на оваа организација се споменуваат и последиците од уништување на дел од албанското хемиско оружје кое се случи во 2007 кое според локални жители причинило загрозување на здравјето и животната околина во местото Ќафамол. Според планот што го договорија САД , Русија и Сирија огромниот хемиски арсенал на Башар Ал Асад треба да се уништи до средината на идната година. Доколку Албанија целосно се повлече од барањето на Америка најверојатно тоа ќе биде уништено во Франција или Белгија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


