Воен авион од типот „орел“, што полетал од воениот аеродром во Лаѓевци, се урна денеска непосредно по 12 часот во близина на селото Мрчаевци, кај српскиот град Чачак.
Според сознанијата на весникот „Блиц“, пилотот успеал да се катапултира.
Началникот на секторот за вонредни ситуации, Драгиша Брочиќ, вели дека пилотот е добар и дека при инцидентот никој не е повреден.
Авионот паднал околу 12.30 часот меѓу Мрчаевци и Слатина, кај Чачак, потврдија за „Блиц“ во Одделението за вонредни ситуации на Моравскиот округ.
Брочиќ за „Блиц“ објасни дека авионот паднал во нива на само дваесетина метри од една куќа. Според сведочење на локалните жители, пилотот навреме успеал да се катапултира, по што авионот почнал неконтролирано да паѓа.
-Пожарникарска екипа стигна на самото место за околу еден час и затекна авион што гори. Во него немаше пилот. Во круг од неколку стотици метри од ударот има распрскано делови од авионот. Има помали оштетувања на покривите на станбените и земјоделските објекти, а на една куќа се испукани прозорските стакла – објаснува Брочиќ.
Тој не можеше со сигурност да потврди дали станува збор за воен авион од типот „орел“ бидејќи, како што вели, во затекнатата состојба тој е целосно непрепознатлив, но, сепак, претпоставува дека станува збор за тој тип авион. Тоа што е сигурно е дека во леталото бил само еден пилот.
– Тој успешно се катапултирал, го отворил својот падобран, тоа го виделе и локалните жители и се приземјил без повреди – вели Брочиќ.
На самото место пристигнале и воени истражни органи, кои работат на увидот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


