| четврток, 6 декември 2018 |

Кој беше легендарниот охриѓанец Кузман Поп Стефанија?

kuzman-pop-stefanija-720-1Неделникот Република во својот прв број објави приказна за легендарниот Охриѓанец Поп Стефанија кој почина денес во Охрид.

Република, 7 Септември 2011

Низ охридските сокаци веќе шест децении одекнуваат звуците од познатиот македонски ансамбл „Билјана“, а легендарните песни „Билјана платно белеше”, „Јовано Јованке”, „Бор садила мома Евгенија”, „Дафино вино црвено”, „Дејгиди луди млади години” и уште безброј други песни истргани од душата на народот денес се важен дел од македонската култура и историја.

Кузман Поп Стефанија со солзи се сеќава на првиот настап во далечната 1952 година во тогаш луксузниот хотел „Палас”. Не го заборил ниту последниот во вилата „Света Софија”, пред седум години, тогаш поради старост ѝ кажал збогум на музиката. Групата била составена од непрофесионални музичари, кои свиреле со голема љубов. Го пропатувале целиот свет. Настапувале специјално за Јосип Броз – Тито во претседателската резиденција, потоа за Киро Глигоров, пред претседатели од странство, државни делегации, кралици и принцови. Ги наследиле охридските трубадури и продолжиле по патот на Климе Садило, компонирале и пееле до полноќ, а рано наутро сите биле на своите работни места. Сега пензионираниот Кузман Поп Стефанија работел како кувар, Јосиф Миленкоски бил фурнаџија, Сотир Ѕингал била шивач, Томчо Лукан поштар, Трајче Ристески автомеханичар и Адем Бајрам работел како учител.

– И денес сакам да запеам и да засвирам на хармоника, да се присетам на убавите времиња. Кога сме друштво дома правиме забава. Ги сакам сите песни, но најчесто ја пеам „Бор садила мома Евгенија“, таа ни е како химна во фамилијата – вели 77-годишениот Кузман. Љубовта кон музиката Кузман ја пренел на својот внук Јован, кој од 12 години свирел со чичко си на хармоника. Тој денес е дел од ансамбалот „Билјана Јуниор”, кој сè уште ги негува легендарните староградски песни и почнува да ги реди првите успеси китејќи се со награди.

kuzman-pop-stefanija-720-2

– Ние сме автентичен состав како ансамбалот „Билјана”. Свириме на шест инструменти: хармоника, виолина, гитара, кларинет, бас и тарабука . Го негуваме староградскиот мелос за тој да не исчезне… Го привршуваме нашето прво цеде, кое треба да излезе во ноември годинава – вели Јован Поп Стефанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top