| четврток, 6 декември 2018 |

Чешка ќе го брани трофејот, поранешните шампиони Шпанија и Хрватска во аут

Актуелнот шампион во Дејвис купот Чешка ја продолжува мисијата за одбрана на трофејот, а веќе на стартот испаднаа поранешните освојувачи на титулите Шпанија и Хрватска.

Чешка во Женева ја победи Швајцарија со 3-2, а клучен беше успехот на Томаш Бердих против Станислас Вавринка за недостижна предност на шампионите од 3-1 во поени. Во Женева е срушен и рекордот за најдолг меч во историјата на купот. Во игра на двојки Бердих и Росол ги надмудрија Вавринка и Кјудинели во пет сета по точно 7 часа и 2 минути игра.

Главната сензација во првото коло ја креираа Канаѓаните со победа од 3-2 против Шпанија во Ванкувер. Гостите беа драстично ослабени без Надал, Ферер и Алмагро и немаа сили за пласман понатаму. Раониќ им донесе два поени во сингл на домаќините, а за уште еден се избори Данчевиќ што беше доволно да се елиминира 5-кратниот шампион. Шпанија е доминантна тениска сила во последните 5 сезони, во кои дури трипати го освои купот и уште еднаш играше финале.

И хрватските тенисери останаа без можност да се надеваат на реприза од 2005 година кога за првпат станаа шампиони во Дејвис купот. Италија во Торино беше подобра и победи со 3-2. „Аѕурите“ ќе гостуваат во Канада во второто коло во април. Дерби на оваа рунда ќе биде премсетката меѓу САД и Србија. И двете селекции славеа со по 3-2 на стартот, Србите во Белгија, а САД дома против Бразил. Казахстан кој ја победи Австрија со 3-1ќе ја пречека Чешка, а во последниот четвртфинален дуел Аргентина и е домаќин на Франција. И „гаучосите“ и „триколорите“ беа убедливи на стартот и ги победија Германија, односно Израел со по 5-0.

Натпреварите од второто коло ќе се играат од 5. до 7. април.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top