| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија сакала да го врати најпознатиот македонски пребег – трет дел

Во својот текст за најпознатиот македонски пребег во Бугарија авторот Блаже Миневски за Македонската информативна агенција (МИА) открива детали за Венко Марковски, брилијантниот писател и поет кој во 1965 година од Скопје бега во Софија и станува орудие на бугарската пропаганда против Македонија. „Република“ ви пренесува делови од текстот. 

Смртта како враќање во реалноста

Во една таква душевна и духовна состојба, Венко Марковски, под псевдонимот „Леопарди“, објавува брошурка во прилог на ИБ, СССР и Бугарија, но набрзо е откриен од еден пријател од Велес и следува судска разврска, по која „државниот поет“ мора да оди во затвор:

„Во самиот почеток на процесот, тој се откажува од своето име Венко Марковски, изјавувајќи дека се вика Венјамин Тошев, дека е по народност Бугарин, и сака како на таков да му се суди. Бугарската опција требаше да ги отвори патиштата за емиграција, таму каде што тој можеби очекуваше реституција на предвоената состојба. Уште повеќе што сега Тодор Павлов беше и врвна власт. Годините непосредно по излегувањето на Венко Марковски од затвор до неговата емиграција во 1965 година се години на незадржлив разгор на нови вредности во македонската литература.

Се појавија нов бран исклучителни автори и дела, кои делата на Венко Марковски ни оддалеку не можеа да го следат. Понатамошното останување на „поетот“ во Македонија ветуваше драматично соочување со таа негативна, за него, стварност. Суетата, но и деформациите како последица на продолжената манипулација со него ги затворија сите други патишта освен оној што водеше во емиграција. Се разбира, првите години таму, во емиграција, привелигиите се неброени, наградите исто така.

Врвното место во хиерархијата на привилеигиите е под заштита на државата, но бугарската литература има сјајни писатели и поети, кои натрапникот го сметаат за туѓо тело кое заграбува голем дел од значајните привилегии за кои се борат и на кое рефлектираат многумина други, домородни автори. Македонската емигрантска судбина доживува нова реприза. Притоа, се разбира, неговата поезија, на трајни релации, не остава трага во бугарската литература.

Лишен од својот јазик, од неговата убавина, Венко Марковски се сведува на парола и плакат. Манипулацијата со него одново зема замав, сега главно како одмазда за неговиот „македонски период“. А до кои грди консеквенци стигна манипулацијата со Венко Марковски може да се види од понудата на Тодор Живков до југословенската дипломатија, Бугарија „да и го испорача Венко Марковски на Југославија, респективно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА“.

Всушност, бугарската великодржавна политика се имаше заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, тој за нив веќе беше неупотреблив, оптоварувачки та затоа бугарската држава беше готова да тргува со него како со ситен кусур за поткусурување во меѓудржавниот пазар. Се разбира, манипулацијата од бугарска страна со понудата за „испорака“ на поетот како агент на ЦИА, беше отрфрлена со образложение дека размената на „предавникот“ не доаѓа предвид.

Притоа, фактот што поетот во својот чин остана осамен, непридружен, бездруго претставуваше едно од најболните, најтрагични негови искуства. Ниту еден македонски интелектуалец, научник или писател не тргна по неговиот пат, не ја одбра емиграцијата во Бугарија како пат за решавање на некаков свој, личен проблем, свој личен случај. Затоа сметам дека Венко Марковски ги проживеа последните години од животот, најверојатно, со горчлива свест дека, сепак, го завршува животот во згрешена улица.

Затоа смртта му се јави како ослободител, го ослободи од него самиот, од неговата болна суета, самоизмама, илузија, го поштеди од она што допрва можеше да дојде како безочна пресметка со него во контекст на некаква нова, „демократска“ дневно-политичка манипулација. Со смртта, Венко Марковски се врати на себеси, на својата поезија, на својот вистински, и единствен јазик, на својата литература, на својата нација. Особено, затоа што недвосмислено се покажа дека надвор од својот јазик не е поет каков што беше дома, а и дома тој не беше поет каков што се замислуваше себеси, но беше свој“, запишал Коле Чашуле пред двесеттина години во своите записи за состојбите во македонското општество, македонската литература и култура воопшто.

Димитар Талев сакаше да се врати во Македонија

За разлика од Венко Марковски, кој одлучил да побегне од својот јазик, Димитар Талев во еден период имал голема желба да се врати во својот Прилеп, во својот јазик, во своите најдлабоки спомени и вистинска книжевна инспирација:

„Војната и настаните веднаш по неа доведоа до ликвидација на весникот „Зора“ на Данаил Крапчев и до осуда на луѓето од редакцијата, вклучувајќи го и Димитар Талев. Нешто подоцна до мене дојде веста дека тој е вратен од интернација и помислува да си дојде во Прилеп.

Веста се совпадна со мојата тогашна ангажираност да си ги прибереме сите македонски писатели во Македонија, па го замолив мојот близок другар од востанието, Ѓоре Ѓорески, кој ја вршеше должноста советник во Југословенската амбасада во Софија, да стапи во контакт со Димитар Талев и да му пренесе дека во Македонија ќе биде повеќе од добро пречекан. Од Ѓорета добив писмо во кое ме известува за разговорот со Димитар Талев и за неговата вистинска намера да дојде во Македонија. Прогонет, каков што се чувствауваше тој тие години, и посебно по интернацијата, Димирар Талев во своето враќање во Прилеп најверојатно виде некаков азил…

Меѓутоа, во меѓувреме, контактите со Димитар Талев, па и нашето планирање да го задомиме сосем во Прилеп, беа, како што се велеше тие години, провалени, и бугарската власт, согледувајќи ги нејверојатно последиците, веднаш презеде мерки. Според информацијата која ја добив, Димитар Талев замина за Варна и остана таму да пишува. Во Варна ги напиша своите највредни книги, кои јас ги добив со негова посвета и замолба да му ги испратам моите дотогашни текстови…

Димитар Талев, сеедно што живееше и пишуваше во Бугарија, во Софија, остана главно и сосем во својот Прилеп, својата Македонија. Живееја, пулсираа во неговите романи улиците на Прилеп, сокаците, чаршијата, фамилијарните домови и дворови, се раѓаа, живееја, се радуваа, страдаа и умираа ликовите од неговите романи, наѕираа повремено прилепските мајтапчии како нешто неразделно од неговиот град, мааало, од фамилијарните приказни, а мојот татко, Илија Кепев остана негов даскал, оној што како учител по јазик и историја од најраните години ги посеал своите својства во него, во авторот.“

Александар Алексиев:

Венко Марковски ме тужеше за негативна критика за неговата книга „Над пламнати бездни“. Во својот текст за творечкиот пат на Кочо Рацин и на Венко Марковски, објавен во „Современост“ 1989 година, Александар Алексиев меѓудругото сведочи за тужбата за објавена критика во 1955 година од авторот на книгата „Над пламнати бездни“. Рецензијата била објавена во списанието „Млада литература“, а Венко Марковски веднаш му вратил со тужба за негативната критика на неговите стихови.

„Во 1955 година бев тужен на суд за лична навреда и психичко обеспокојување на тогаш се суште славниот поет, кој самиот, а и многумина други, по инерција продолжуваа да го споредуваат со Ботев, Јаворов, Мајаковски, Пушкин, Хајне и слични корифеи на светската литература“, запишал Алексиев пред 24 години, додавајќи дека, според повеќегодишните контакти што ги имал со поетот, Венко Марковски бил „крајно нестабилна и егоистична личност“, кој безразложно се „чувствуваше како некрунисан македонски крал“.

Според Алексиев, неговата поетска суета најмногу ја потхранувал Тодор Павлов, кој „уште на стартот го одвлече директно во прегратките на мегаломанијата и грандоманијата, изнасилувајќи ја неговата продуктивност, така што неретко квантитетот го задушуваше квалитетот, мисловноста и вдлабоченоста“. Моето мислење за Венко Марковски, пишува Алексиев, не се разликува многу од мислењето на Страхил Гигов, кој во своите сеќавања го окарактеризира како „крајно бескарактерен, како човек што својата нискост ја покажувал скоро во секоја пригода, дека бил паничар и страшливец, дека за една кокошка бил готов секого да опее во песна, дека при повлекувањето од Дебарца, постојано прогонувани и капнати од умор, тој во снегот го фрлил и сопственото дете“, па него, шест-седум километри, го носел Страхил Гигов.

Факт е, исто така, дека во најтешките денови на борбата повеќе од шест месеци бил засолнат во Егејска Македонија, избегнувајќи ги Февруарскиот поход и походот на групата баталјони од Беласица до Козјак со кои биле и ЦК и Главниот штаб, пишува меѓудругото Александар Алексиев, подвлекувајќи дека Венко Марковски по ослободувањето не можел веќе да го следи динамичниот развиток на современата македонска поезија па затоа од својот замислен поетски Олимп се струполил таму каде што неговите услуги се уште можеле да бидат на цена, во Бугарија.

Блаже Миневски за МИА

 

Продолжува

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top