| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија сакала да го врати најпознатиот македонски пребег – втор дел

 

Поет за еднократна употреба

Според Коле Чашуле, авторот на „Црнила“, ретки се примерите, како оној со Венко Марковски, кога човек сам си е свој најголем непријател. Дарбата на Венко, пишува Чашуле, беше несомнена, но исто така е несомнена и неговата амбиција да го завојува за себе сиот простор, да остане сам и единствен. Во тој контекст, неговиот карактер, амбиции, раѓаат првин кај другите, а потоа и кај него илузија на извонредност, безмалу на генијалност. За него се резервирани само пофалби, сеедно што напати немаат никаков аргумент во неговите „уметнички“ текстови:

„Во македонските прогресивни средини пред војната доаѓа до еуфорија во врска со неговата појава. Некритичноста на таа еуфорија има свое оправдание во политичките потреби на моментот. Актуализацијата на македонското прашање во новиот контекст го прави Венко Мрковски, особено во Буграија, доказ за демократичноста и прогрeсивноста на националното прашање на комунистичкото движење. И додека Коста Рацин има постојани проблеми и конфликтни ситуации, Венко Марковски мошне бргу станува жртва на „коруптивна манипулација“. Всушност тој и верува на манипулацијата. Ја живее како единствена вистина. Уште повеќе кога го поддржуваат така силни протектори како што се комунистичкото движење и Тодор Павлов, кој тие години е на врвот на својата популарност и влијание. Со време таа илузија станува природа на поетот. Со тој ореол тој ги живее годините на почетокот на Втората светска војна, па како антифашист бидува испратен во концентрационен логор, каде што е галениче на затворените во логорот“, запишпал Коле Чашуле пред 20 години, подвлекувајќи дека поради леснотијата со која Венко Марковски ги создава своите стихови, отсуството на елеменетарна критичност кон себеси, тој всушност претендира на диктатура на целокупниот простор. Притоа, во отсуство на каков и да е критички осврт, и со огромна поддршка на партијата и политиката, тој влегува во филмот дека животот ќе биде лесен, дека привилегиите ќе траат вечно, дека моќната конкуренција, ако сака да види свет, ќе мора да патка по него, да се восхитува неумерено, да го имитира, да му служи за навек. Значи, смета Чашуле, трагедијата на поетот се подготвуваше долго време:

„Првиот обид за манипулација со Венко Марковски го направија весникот „Зора“ и Јордан Бадев. Манипулацијата ја продолжи Тодор Павлов, а ја презеде новата власт во Македонија, македонската држава. Доаѓањето на Венко Марковски во Скопје беше безмалку означено како најзначаен настан на првата страница на „Нова Македонија“. Домот на Венко Марковски стана центар, собиралиште, во кое се одеше и заради Венко Марковски, но и заради тоа преку присутвото во тој дом да се добие статусно значење, место во хиерархијата на новата власт, затоа што таму не беа допуштани сите.

Селекцијата беше строга и, напати, сурово дискриминаторска. Секој нов стих, секоја нова поема, секоја нова книга беше проследена со седенки, со разговори во кои неумереноста во пофалбите беше единственото толерирано поведение. Всушност, Венко Мрковски беше опијанен од својата слава, седенките ги доживуваше како признанија, пофалбите како конечни вистини, со тоа се создaваше култ, а новосоздадената држава, власта, имаа потреба од него. Тоа што го создаваше Венко Мрковски беше, според нив, недвосмислена потврда за автентичноста на јазикот, за оспособеноста на јазикот да создава литературни вредности, ја афирмираше нацијата, државата, а со тоа и создаваше легитимитет на тогашната врвна власт.

Државата не жалеше средства за него, сеедно што беа тоа дни на голема сиромаштија. Националниот поет мораше да има се, беше изземен од она што беше секојдневие на народот. Навистина, во Македонија, тој уште немаше со кого да се мери, со кого да се споредува, поради што неподелено се исповедаше дека тој е македонскиот Пушкин. Се разбира, надвор од Македонија, тој мораше да се сведува на она што навистина беше, на својот вистински книжевен формат. А него и самата помисла на споредба го иритираше.

Луѓето знаеја кој е Мирослав Крлежа, кој е Иво Андриќ, и не се чувствуваа обврзани нив да ги поништат зарaди него. Напротив, сметаа дека тој е еден од многуте поети по војната кој допрва треба да се ослободува од влијанието на народната поезија, па неговото дело е само обична варијација според познати шаблони. Од друга страна, поведението на Венко Марковски надвор од Македонија, за разлика од уживањето во ловориките дома, даваше обемни докази за неговата приземна нетрпеливост, себевљубливост.

Распнат меѓу интимната, искрена вера во тоа дека е парник на Пушкин, меѓу славата што му ја признаваше, и уважуваше, македонската држава и власт, а истовремено соочен со „суровата неправда“ што му ја нанесуваше вонмакедонскиот, југословенски контекст, Венко Марковски мораше да се сооочи и со појавата на книжевен и јазичен амбиент. Траумата од југословенскиот опит се закани дека ќе има и своја македонска димензија.

Имено, се појави конкуренција, се појавија Ацо Шопов, Блаже Конески, се најавија поети како Гого Ивановски, Гане Тодоровски, Србо Ивановски, Славко Јаневски, а самобендисаноста на Венко Марковски не дозволуваше конкуренција па растеше неговото незадоволство. Притоа не остана поштедена од неговата лутина и приговор, па и бес, ни власта, државата… Венко Марковски искрено веруваше дека тие не го прaват ни најнужното да го одбранат од заговорот против него“, пишува Коле Чашуле.

Изолација во хотел во Крушево

Сето ова, заедно со Резолуцијата на Информбирото, Венко Марковски го идентификува како виновник за некаков „заговор против него“; верува дека Резолуцијата не само што го открива „виновникот“ туку ја покажува и перспективата, утврдува кој и како работел против него. Меѓутоа, за жал, определбата на Венко Марковски за Резолуцијата на ИБ внесува смут, дезориентација и во врхушката на власта.

Таа одеднаш се сети себеси загрозена. Без дотогашната легитимација. И се зафати да го „врати поетот на првиот пат“. За да му помогне, смета Чашуле, го изолира во хотел во Крушево, со сите привилегии на статусна изолација. Се ангажираа сите сили во „убедувањето“ на поетот, власта веруваше во можноста за „превоспитување“ на поетот. И, се разбира, власта и поетот бргу се договорија: поетот го објави во „Нова Македонија“ своето прочуено покајничко писмо.

Неговиот гест беше шумно објавен како „враќање на поетот“, при што се обзнани дека не се работи за обично враќање туку за враќање со „епохално дело – херојската драма Гоце.  Сепак, критичките одгласи, и оние јавните, кои мораа да бидат езоповски срочувани, подвлекува Чашуле, но и оние другите, тајните, беа дека е во прашање просечно, та дури и потпросечно дело, драма сложена од слики за животот на Гоце Делчев, со изречно патетична интонација:

„Собирот во Друштвото на писателите во врска со „Гоце“ покажа дека настапува време на јавна критичка реч за Венко Марковски. Се разбира, незадоволството од овој собир беше двострано: незадоволен беше поетот, незадоволна беше и власта, но обете страни веќе немаа можност да се наметнат. Згора на тоа и кај самата власт веќе настапуваше своевиден замор од поддршката на Венко Марковски.

Годините што следуваа беа години на засилено незадоволство на „државниот поет“ не само од тоа што не се изврши реставрација на неговиот пиедестал со сите привилегии, туку и од фактот што процесот на еманципација на македонската литература веќе создаваше вредности кои, надвишувајќи го делото на „поетот“, отвораа широки можности за афирмација на македонската литература независно од него“.

Блаже Миневски за МИА

Продолжува

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top