| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарија сакала да го врати најпознатиот македонски пребег

Бугарија се обидела да и го испорача Венко Марковски на Македонија како шпион на ЦИА

Во својот текст за најпознатиот македонски пребег во Бугарија авторот Блаже Миневски за Македонската информативна агенција (МИА) открива детали за Венко Марковски, брилијантниот писател и поет кој во 1965 година од Скопје бега во Софија и станува орудие на бугарската пропаганда против Македонија. „Република“ ви пренесува делови од текстот. 

Десетина години по бегството на Венко Марковски во 1965 година од Македонија во Бугарија, Тодор Живков доставил понуда до југословенската дипломатија веднаш да го испорача на Југославија, односно на Македонија, затоа што е евидентирана негова соработка со ЦИА. Истовремено, бугарската тајна служба почнува да го следи со образложение дека имала информација дека му е загрозен животот од УДБ-а, а фактички затоа што власта се сомневала дека соработува со ЦИА.

Всушност, според Коле Чашуле, великобугарската политика веќе се имала заситено од поетот, од неговата „служба“ и „услуги“, веќе бил ислужен, неупотреблив, оптоварувачки, па затоа бугарската држава била готова да тргува со него како со ситна монета за поткусурување во меѓудржавниот политички пазар. Се разбира, манипулацијата со понудата бугарската власт да го „испорача“ Венко Марковски како агент на ЦИА веднаш е отфрлена со образложение дека таква размена на „предавникот“ не доаѓа предвид.

Сето ова, меѓу другото, го забележал писателот Коле Чашуле во својот писателски бележник во декември 1991 година, пишувајќи за случајот Венко Марковски како за самоубиство на едно „галениче навикнато на привилегии што ќе траат вечно“. Според Чашуле, смртта на поетот во јануари 1988 година во Софија, всушност го „ослободила од самиот него“, зашто ако тој, Венко Марковски „имаше свој поробител, своја зандана, свој усмрт, тоа беше тој самиот; неговата суета, илузија дека е поет над поетите, ум на умовите, борец над борците, век над вековите“.

Блаже Миневски за МИА

Продолжува

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top