| четврток, 6 декември 2018 |

Сириското хемиско оружје ќе се уништува на 60 км од Македонија?

hemisko oruzje

Македонските хемичари не се пресреќни поради можноста сирискиот арсенал хемиско оружје да се уништува во Албанија, на 60 километри од границата со Македонија. Иако нашата држава нема што да направи во врска со ова, на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет нагласуваат дека процесот мора да биде стопроцентно заштитен затоа што е потенцијално опасен пред сe за Албанија, но и за околината, пишува Дневник.

САД бараат сириското хемиско оружје да се уништува во воена фабрика кај албанскиот град Елбасан. Албанија е една од трите земји, освен Белгија и Франција, на кои Организацијата за забрана на хемиско оружје им се обрати да бидат домаќини на американската мобилна постројка во која треба да се уништат 1.300 тони сириско хемиско оружје. Во Албанија барањето предизвика протести на граѓани и реакции на политичарите.

Неколку хемичари од Природно-математичкиот факултет рекоа дека се уште немаат информации дека хемиското оружје ќе се уништува во Албанија, но нагласија дека таков процес подразбира бескомпромисни мерки на безбедност.

Според Организацијата за забрана на хемиско оружје, Сирија пријавила дека има околу 1.000 тони бојни отрови од Kатегорија 1 – иперит, сарин, нервен гас ВХ и прекурсори, компоненти за нивно производство. Сирија има околу 300 тони иперит, неколку стотици тони сарин и десетици тони ВХ. Најголем дел од овој арсенал е метилфосфонил дифлуорид, компонента за производство на сарин. Најголемиот дел од сирискиот арсенал хемиско оружје се состојки за бинарни, дводелни, бојни отрови, чии компоненти се мешаат непосредно пред употребата.

Околу 290 тони од арсеналот се хемикалии од Kатегорија 2, а повеќето од нив е всушност изопропил алкохол, кој има широка цивилна примена, но е клучен прекурсор во подготовка на сарин.

Организацијата на почетокот од октомври почна да бара земја-домаќин за мобилна постројка во која ќе се уништат од 300 до 500 тони прекурсори за сарин и десетици тони нервен отров ВХ.

Откако Норвешка во октомври го одбила барањето да биде домаќин на процесот на уништување, Организацијата упатила барања до Албанија, Белгија и до Франција. Сите три земји досега уништувале иперит, но не и сарин и ВХ.

САД се исклучени како опција за уништување бидејќи сириската влада одбива ним да им го предаде својот арсенал за тој чин да не биде протолкуван како капитулација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top