Јелена Антиќ е дел од историјата на кошаркарскиот клуб Партизан, а ланската рекордна серија без пораз, во 32 натпревари во Србија е за респект. Дел од триумфалниот „црно-бел“ мозаик е и 23-годишната македонска репрезентативка, која настапува на крилната позиција. Со неа во составот, Партизан се запиша во аналите на српската кошарка, бидејќи до титулата стаса без пораз, што не му успеало на ниту еден клуб кај северниот сосед.
Јелена е американски кадет и како 15-годишна девојка замина за САД на кошаркарско усовршување. Три години мина во средно училиште, а потоа две сезони играше за Универзитетот Либерти. По 8 години пауза и тројниот избор на Кристал Тарп за играч на неделата, токму Антиќ како дебитант, го израмни нејзиниот и рекордот на Универзитетот Либерти. Тоа се случи во сезоната 2009/2010, откако 3 пати беше именувана за кошаркарка на неделата. Во истиот кампус, но како средношколка, ги предводеше популарните „Булдози“ до единствената титула во историјата, на ниво на училишта од Вирџинија. Изненадувачки, по 5 години минати во САД, се врати во Европа и ја прифати понудата на тимот за кој навива, Партизан од Белград.
-Отсекогаш сум навивала за Партизан и кога потпишав со клубот ми се исполни желбата. На почетокот ми беше малку потешко да се снајдам, но сега веќе сум староседелка – со насмевка раскажува Антиќ. Има исто презиме како капитенот на машката кошаркарска репрезентација на Македонија, Перо Антиќ, но не се во роднинска врска.
Партизан е како Мајами хит во НБА. Тие имаа 27 победи во серија, Вие уште подобро, со 32 успеси без пораз освоивте титула. Очекуваше ли ваков имресивен победнички од на твојот тим?
Уште од почетокот на сезоната се наѕираше шампионски тим. Цел беше да оствариме добар резултат и да играме атрактивна кошарка. Многу се вложи во тимот. Има неколку репрезентативки на Србија, една Американка и неколку девојки од соседните држави. Еден одличен спој на кошаркарки со огромен потенцијал, младост и искуство. Кога почнавме да победуваме, се почуствува дека имаме квалитет за освојување на титулите. Прекрасната авантура ни донесе сезона без пораз и три трофеи, со што заслуживме место во историјата на српската кошарка.
Играше во САД, 5 години, од кои две на Универзитетот Либерти. Претходно беше член на средното училиште во истиот кампус, па остана само врвното достигнување настап во професионалната лига. Сонуваш ли за настап во ВНБА?
Можеби, да останев во САД, овој сон сега ќе беше реалност. Секако дека тоа е цел на секој професионален спортист. Да се натпреварува на највисоко ниво, во најсилните и најуспешни клубови на планетата. Во моментов тоа се европската Евролига, и женската НБА. Иако понекогаш понудите од европските клубови се подобри, да се биде дел од ВНБА е врвно спортско достигнување и секако би сакала да заиграм за некој од тимовите во ова натпреварување.
Ќе ја видиме ли Јелена како членка на македонски клуб?
Зошто да не. Никогаш не се знае. Ни треба посилна женска лига, со посериозни вложувања во клубовите. За да биде посилна конкуренцијата и да има ефект од талентите што ова поднебје ги има. Една од желбите ми е да формирам свој кошаркарски клуб, секако откако ќе ја завршам играчката кариера. Тоа значи дека ќе останам во мојот омилен спорт, секако со сопствен клуб во Македонија.
Потекнуваш од спортско семејство. Предодредена ли ти беше кошарката или сакаше да се занимаваш со нешто друго?
Уште од мали нозе ме интересираше само топката. Сакав да играм кошарка и тоа е моја лична одлука. Веројатно имаше влијание што татко ми, а подоцна и сестра ми играа кошарка. Следејќи ги нив, и кај мене се роди љубовта кон оваа игра. Родителите постојано ми даваа подршка, со што ми го олеснија патот по кој чекорам. И сега доаѓаат на натпревари во Белград, ме бодрат, ми даваат совети. Благодарна сум што веруваат во мене и во мојот избор и што секогаш стојат зад мене и моите одлуки. Секако сега е и полесно, бидејќи сме поблиску, па и почесто можат да ме посетуваат во Белград.
Од 15-годишна возраст постојано си на пат. Америка, па Србија. Се навикна ли на печалбарскиот живот?
Одењето во САД ми беше исполнување на детскиот сон. Полека се навикнував на отсуството од дома, од Скопје, од родителите, иако на почетокот тоа одеше тешко. Веќе 7 години сум надвор од Македонија и секако има моменти кога ми недостасува семејството, другарките, пријателите. Во последните години од мојот престој во Америка, се почесто ме фаќаше носталгија и добредојдена беше понудата од Партизан. Сакав да бидам поблиску до дома и затоа се вратив. Кога имам слободни денови, доаѓам во Скопје, па потоа е полесно враќањето назад во Белград. Се навикнав на ваквиот стил на живот, а кога ќе го прифатите професионалниот однос што го бара кошарката, тоа оди многу полесно.
Дебитираше и на модната писта. Како се снаоѓаш во таа улога?
Многу необично искуство, што би сакала повторно да го вкусам. Пред две години бев дел од ревијата на модната креаторка Антонија Ристовска, а моментот беше специјален за мене. Беше неочекувано убаво искуство. Доколку има интересни понуди во иднина, веднаш долетувам на модната писта, но засега сепак спортскиот стил ми е попријатен. Кошарката останува моја прва љубов.
| Силен печат на Универзитот Либерти |
| Јелена остави силен впечаток на Универзитетот Либерти, а коментарите беа позитивни и оттаму немаа дилема дека македонската репрезентативка има перспектива во кошарката. |
| „Очекуваме Јелена да биде стартер следната сезона. Таа беше дел од една победничка традиција на нашиот Универзитет и и посакуваме многу успех во кариерата“, рече за клускиот сајт Кери Грин, тренерот на кошаркарскиот тим. |
| За неа имаа само комплименти и тоа не само за учинокот на теренот, туку и надвор од него. Антиќ беше една од седумтте кошаркарки што ја заслужија „претседателската награда“ како одлични студентки со висок просек. |
| „Се сомневаме дека наскоро ќе имаме сестрана кошаркарка како Јелена. Таа не е само одличен шутер, туку има извонредно чувство за скок и елеганција што и нуди потенцијал за врвни резултати. Беше втора во тимот по бројот на скокови, асистенции и украдени топки. А, стилот на шут и е извонреден, со мека рака и многу прецизност“, беше коментарот на интернет страницата на Универзитетот.Јелена сепак се одлучи да замине од САД, земја во која играат нејзините кошаркарски идоли Коби Брајант и Дијана Таураси. |
| Противничките не и задаваат проблеми како чевлите |
| „За патики немам проблем, но со чевлите тешко се снаоѓам. Носам 43-ка и да се најде тој број за девојка е малку покомплицирано и потешко. Многу често се случува да видам модел што многу ми се допаѓа, за потоа да ме разочараат со одговорот дека нема број за мене“, вели Јелена. Додава, дека во САД немала проблеми од таква природа, бидејќи има многу специјализирани продавници за чевли. Се снаоѓа на секој начин, а и помага што се повеќе се промовира он-лајн купувањето, па сега полесно и оди со набавката на моделите по нејзин вкус. |
Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





