| четврток, 6 декември 2018 |

ДПА бара граѓаните без превод да ги слушаат албанските пратеници од Собранието

sobranieto

Советот на Собранискиот канал денеска расправаше за барањето на пратеничката група на ДПА за проблемите со емитувањето на преводот на албански јазик на Собранискиот канал.

Беким Фазлиу инсистираше дека граѓаните треба изворно да ги слушаат пратениците Албанци, без превод, исто како и македонските пратеници. Забележа дека иако Сузана Салиу од ДУИ е потпретседател на Собранието, не ги води седниците на албански јазик, а на програмата на Собранискиот канал се емитува само програма на македонски јазик. За оваа ситуација ја обвини ДУИ и нејзините пратеници и според него, тоа ја покажува политичката моќ што ја има оваа партија.

Претседателот на Советот на Собранието Јани Макрадули, чии заклучоци со мали модификации беа изгласани на седницата, истакна дека има граѓани што ги слушаат пратениците Албанци изворно преку кабелските оператори, но оти треба да се направат напори сите да можат да ги слушаат. Рече дека треба да се усогласи законодавството и да се погледне статусот на Собранискиот канал. Овој канал емитува еден видео и два аудио сигнали.

Поголем дел од граѓаните Албанци можат да ја следат седицата и без притоа да користат превод, според пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кабелските оператори нудат опција за тоа.

– Онаму каде што ние треба да се насочиме е да видиме каде не може да се следи на овој начин за да можеме да ја подобриме состојбата, рече Димовски. Според него 33 отсто од програмите што се емитуваат на МРТ се на албански јазик, а со тоа се навлегува во правата на другите етнички заедници во земјата. Соодносите не се почитуваат и тоа е позитивна дискриминација. Во однос на Собранискиот канал, програмата треба да се подобри, но според Димовски тој не треба да има уредувачка политика.

– Треба да констатираме кои проблеми се појавија и како да ги надминеме, изјави Јакупи додавајќи дека вистински мерач и индикатор за тоа чија политика е поддржана од страна на гласачите биле изборите на кои ДУИ победи. – Вие рековте дека албанскиот јазик е политика, а ние дека е техничко прашање во порцес на надминување. И тоа ви падна во вода, изјави пратеникот на ДУИ одговарајќи на обвинувањата на неговите колеги од ДПА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top