„Торбешите“ се забележливо највознемируван народ пред изборите во државата поради стравот што се издига до ниво на паника за што ли ќе се определат во националното овој пат, вели Реџо Муслиоски, Македонец муслиман од реканскиот крај. Тој некогаш како член на СДСМ се обиде да се бори за правата на „торбешите“, Македонците муслимани, или луѓето од нашиот сој како што ги нарекува Фиат Цановски. Денес, вели, кога ќе се сетам на тој период морници ме лазат. Муслиоски смета дела никогаш не заспал гневот во него, од кој извира болот непребол од пусти нишанења со „торбешкиот“ предзнак во него. Едни, коментира тој, ни забележуваат за јазикот, други за верата како одредница во националното, трети, пак, верскиот предзнак ни го земаат за грев.
За иселувањата од реканскиот крај, тој ќе каже – магијата закопана во камената клисура на Радика и во нејзините диви води, чиишто бранови секој ден ја истураат својата лутина и гнев поради демографскиот пустош што ќе го остави печалбарската река без поврат, се заканува Река да ни ја претвори во демографска урнатина со иднина на мариовска судбина, каде што денес нема кој на родено да се радува и на умрено да заплаче. Реканскиот крај, додава тој, е место на кое е тешко да се биде, а уште потешко да не се биде. Признава дека не еднаш туку и повеќе пати и тој сакал да ја збрише од Река, но таа успеала да го задржи.
Голем дел од животот сте во политиката, своевремено бевте и член на СК на СКМ, а подоцна бевте активен во повеќе општествени движења. Дали гледате напредок, во начинот на кој се води политиката во последните децении?
Муслиоски: Нејзиното височество политиката била и моја опсесија. Од сегашна дистанца ако се согледуваат разликите во водењето на политиката, секако дека има голем напредок, пред сѐ поради создадениот плурален амбиент и можното пулсирање што го овозможи повеќепартискиот систем.
Моето искуство вели дека за сите времиња човекот бил соодветна категорија во сферата на политиката. Власта, пак, отсекогаш била проклето вечна категорија. Ова можам да го разберам, но не можам да ги разберам талентираните полтрони во политиката, кои откако ќе се всадат во топлите скутови на власта сеедно им е дали сѐ е криво во државата, дури и правдата. Молчат а божем размислуваат. Ми тежи кога ние што си заминавме велиме по нас потоп, а тие што дојдоа по нас велат дека од нив почнува светот.
Знам дека имаше и лоши работи во минатото владеење, но немаше контејнерска транзиција, немаше народни кујни за да сркнат нешто чорбесто сиромашните. Имаше средна класа, а денес има новосоздадени богаташи, кои играат во занес и око не им трепнува што на спротивната страна се игра „Тешкото“, всушност, се игра животот.
Политиката не е лесна работа, тешко се исправаат грешките од лошо водена политика. Особено е непростливо ако младите политичари се опседнати со емотивно-младешка анестезија зашто тогаш таквите политичари знаат само што сакаат, а не знаат што можат.
Ве почитуваат Македонци и Албанци и Турци и сите други националности. Како го објаснувате фактот што на потегот од Дебар до Маврово отсекогаш владеело повисоко ниво на толеранција меѓу граѓаните различни по националност и по вера?
Муслиоски: Уморната, но жилава Река отсекогаш, па и денес, меѓусебната толеранција и почит кон различниот од себе ја чува во трезорот на иднината, како градителски бисер во сферата на националните односи. Грижливо го чуваме и негуваме заемниот аманет од нашите дедовци и прадедовци, верските и друг вид разлики да ни бидат наши вредности, а не проклетство. Тоа се постигнува само кога полесно ќе му простите на различниот од себе отколку на своите истородници.
Отсекогаш овде луѓето различни по вера во соседните ниви не го свртуваат грбот еден на друг, а темата на разговор секогаш им е за дождот и за бериќетот. Таму каде што нема соживот, велат Реканците, нема живот.
Муслиоски: Во ова пригода сакам да испратам реканска порака за соживот до пошироката македонска јавност преку следнава илустрација за која не се сеќавам каде сум ја прочитал или слушнал. Иако асоцира на расна разлика, овде има место за неа. Кога белото Американче го поканило црнчето Самир на роденден, мајка му го прашала дали Самир е црнче. Чистата детска душа одговорила, не знам, не видов.! Јас само би додал, возрасни, опаметете се!
Во овој крај живеат голем број луѓе, кои, објективно, имаат проблем да бидат разбрани во сферата на своето национално самоодредување.
Муслиоски: Јас како да сум уморен од потрагата по одговор на ова прашање. А и овој автохтон народ е преморен од себедокажување ама, сепак, „торбеши“ се наречени поради понижување. А таа, пак, историјата, нивната маќеа, како за инает, одвреме-навреме им ги отвора старите проклетства. Едни да ни забележуваат за јазикот, други за верата како одредница во националното, трети, пак, верскиот предзнак ни го земаат за грев. „Торбешите“ како да немаа доволно историско време за будење. Со децении наназад својот идентитет го греат на тивок оган и постојано во казанот додаваат разни мирудии ама пустата манџа пак е иста.
Па се прашувам, кој е тој наш недефиниран судбински прогон што нас различните а толку исти нѐ заглави во меѓусебни делби, во етничкото и во политичкото, за потоа сите да нѐ сожалуваат, а никој да не нѐ цени.
Каде згрешија Македонците православни во односот кон своите браќа, сограѓани и пријатели од муслиманска вероисповед?
Муслиоски: Јас би рекол, зошто православните Македонци не беа искрени исцелители на отворената рана, во сферата на нашето национално битие. Таа рана и без тоа боли, но ако не ве прифаќаат тие на кои им припаѓате таа ем боли ем крвави.
Секоја чест кон чесните исклучоци, ама и до ден денешен никако да ја надминат својата голема заблуда дека Македонец може да биде само тој со православна вероисповед. Државотворниот народ во ова земја, регионите каде што живеат овие луѓе ги остави како простор за бесплатна политичка и друг вид забава, би рекол панаѓур, кој, за волја на вистината, редовно бил предвреме отворан. Каде што најмногу се продавале убави зборови. Многубројните емисари на нивниот омилен панаѓур никогаш не криеле зошто подраниле со своите претстави, каде, очигледно, до перфекција го изучиле чаламот, за обилно дозирање анестетик, со што од целината на овој народ што го покрива егзонимот „торбеш“ се отиде на три страни, така што денес нѐ има како Македонци муслимани, Албанци и Турци. Има ли пат со три правци? Да, може да го има, ама тој се вика беспаќе. „Торбешите“ се забележително највознемируван народ пред изборите во државата поради стравот што се издига до ниво на паника, за што ли ќе се определат во националното овој пат.
Вие бевте дел од СДСМ, но не успеавте да го наметнете прашањето на овој народ за кој зборуваме повисоко меѓу приоритетите на партијата.
Муслиоски: Морници ме лазат, кога ќе се сетам на периодот што го поминав во СДСМ. Какви високи приоритети може да наметнете ако највисоката позиција што ја имав беше делегат на конгрес, иако на конгресите не одев само заради сендвичот, поради ниски страсти на некои политичари-шмеќари не стигнав повисоко од делегат.
За волја на вистината, сакам да бидам искрен, на двапати бев кандидат за пратеник. Не ги отворам болните сеќавања за случувањата околу тоа, тие веќе се закопани во мене и ќе умрат со мене. Но, сепак, од тоа научив нешто во животот, дека за да напредувате не е доволно да имате само талент, туку задолжително е да имате најмалку еден агент.
Еве и да ја завршам мојата горка приказна со следново: Одбивам да прифатам дека со кажаното признавам лични фрустрации зашто во политичката школа на СДСМ доволно долго се извежбав да не манифестирам болка кога не сум бил избран, болно сум се чувствувал само кога не сум бил разбран. Но, едно морам да признам – дека никогаш не заспал гневот во мене, од кој извира болот, непребол од пусти нишанења со „торбешкиот“ предзнак во мене, поради што на „торбешки“ координати го исцртав животот со лузни од балканизми, со моето име, мојот јазик, од мојот народ во мојата земја црвенеев. Денес се чувствувам горд што успеав да го контролирам гневот за мојот неуспех во политиката, додуша имав и голема утеха од мојот помлад брат, кој, исто така, не успеа во музиката иако сите велат дека со неговото грло бил реканскиот славеј.
Деновиве премиерот Груевски беше во посета на Река каде што во Ростуше за првпат во последниве половина век беше отворена фискултурна сала, што само по себе е шокантно. А пред еден месец во највисокото тело на владејачката партија беше избран претставник од вашите редови. Какви се вашите оценки за овој навидум мал потег? Може ли да се надеваме дека ќе продолжи овој тренд?
Муслиоски: Имам посебна почит кон спортот и кон физичката култура. Голема благодарност за градбата на оваа сала, но многу би посакувал господинот премиер во следна пригода да дојде за пуштање на некоја фабричка хала. Не се лутам што овој пат приоритет ѝ е даден на физичката култура, иако нас овде целиот живот и без тоа ни е фискултура.
Честитки за ВМРО-ДПМНЕ за претставникот од Река во врвот на партијата и за многу други кадровски вградувања во системот и во државата од нашиве редови зашто тоа во минатиот период речиси беше невозможна мисија. Но, моја сериозна забелешка е што не се поддржа Партијата за европска иднина на тој план заради поширокиот интерес на овој народ таксиратлија.
Зборуваме за бројка на луѓе, која надминува сто илјади.
Муслиоски: Не сум љубител да говорам за бројки. Како што тргнало нашето битисување, пак многу нѐ има. Нашиот најголем капитал е „торбешкиот“ народ, кој со децении се топи и претопува а поради генетската кроткост останало и натаму етничко тесто за месење.
Колку помогна интелегенцијата во еманципацијата на овој народ во претходниот период и како го оценувате потенцијалот да променат нешто во наредниот период?
Муслиоски: Како интелектуалец, уште кога бев голобрадо момче се носев со надеж и со уверување дека, благодарение на интелектуалниот потенцијал што сами го создававме ќе ја добиеме битката за наше место под сонцето и дека тоа во процесот во нашето вкупно еманципирање ќе ни биде најсилниот адут за да им се „одмаздиме“ на сите коцкари со доцнењето на нашето време.
Но, да се разбереме, отсекогаш сум бил јасен кога барате правда не треба да барате одмазда. Но, јас велам ако имаше правда „торбешите“ требаше да бидат најсреќните луѓе на светот.
Интелектуалците се тие што го водат и бранат својот народ. Но, интелектуалци што со молчење го бранат својот народ се товар на тој народ. Во нашиот етникум многу е тешко да се биде интелектуална индивидуа, најверојатно поради нашата повеќедецениска отфрленост, која како да ни всадила дефетизам, малодушност и рамнодушност како задолжителна алтернатива на заспаната интелектуална совест. Со таква, да ја наречам, масовна интелектуална дремка во нашите редови и натаму во сите варијанти на наш самоизбран национален статус, ползењето и натаму ќе ни биде слобода на движење. Нашите интелектуалци мора да дадат одговор не само кои сме и што сме, туку и каде одиме.
Проблемите на иселувањето не се само на луѓето од овој крај. Печалбарството стана тренд секаде низ Македонија, како се соочувате со фактот што Вашите деца и внуци мораат да заминат од земјата, најчесто во Италија, за да обезбедат егзистенција?
Муслиоски: Река како да не може без демографски празнења. Печалбарството како наша неодминлива судбинска константа веќе го живее својот апсурд. Не велам дека тоа е само наша судбина, туку наша небиднина. Реканскиот крај не може повеќе да го сокрие гневот поради својата загубена младост. Залудни ќе ни бидат септемвриските облаци, кои ќе се обидат да ја покријат болката за просторот што незапирливо се празни. Соседските разговори деновиве се сведуваат на зборовите: со здравје нека ви одат децата и внуците, нашите вчера си заминаа.
Додека другите околу нас летаат со привилегии од политиката ние летаме со семејствата надвор, велат моите Реканци.
Уверен сум дека секој добронамерен патник што поминува низ Река откако ќе ја пушти камерата му престануваат зборовите. Сепак на крај се прашува од што живеат овие луѓе овде, што ли ги задржало. Мојот одговор е, тоа е магијата закопана во камената клисура на Радика и нејзините диви води, чиишто бранови секој ден ја истураат својата лутина и гнев поради демографскиот пустош што ќе го остави печалбарската река без поврат, и се заканува Река да ни ја претвори во демографска урнатина со иднина на мариовска судбина, каде што денес нема кој на родено да се радува и на умрено да заплаче.
Надеж ми дава само тоа што Реканците кога ќе ви ја отворат душата велат: реканскиот крај е место на кое е тешко да се биде, а уште потешко да се не биде. Не еднаш туку и повеќе пати и јас сум сакал да ја збришам од Река, но таа успеа да ме задржи. Не знам како стоите со простор во неделников за да споменам и едно друго празнење на Река, празнење што се случи во педесеттите години на 20 век. Крчин и Стогово само паметат кога Радика рикаше во солзи зашто за навек мајка испраќаше ќерка или оставаше син на патот за Анадолија. Кога реканската мајка овде и таа таму не можеа да го поминат денот без да офнат.
Економијата, како и за сите други, и за луѓето од муслиманска вероисповед, кои особено живеат во реканско-дримколскиот и во прилепско-пласничкиот регион, но и во Кичево и во Скопско, со децении не е добра. Ќе ја снема ли емиграцијата ако се живее подобро?
Муслиоски: Без развој и економија нема живот. Оваа држава во регионите во кои живее овој народ со децении ништо ззабележително не променила во сферата на економијата. Свесни се дека сите проблеми од оваа сфера не треба да се бараат само во државата, ама ние најдобро знаеме колку е утешно да живеете чекајќи државата да направи нешто за вас. Кризата не е таа што поминува, туку животот. Моите истородници тоа одамна го сфатија и затоа пат под нозе фатија.
Ќе ја снема ли емиграцијата ако се живее подобро, ме прашувате… Мислам дека таа ќе биде само намалена, а во руралните планински предели, кога ќе прашате зошто ги нема луѓето, одговорот ќе биде отишол човекот од тука за да поживее човечки.
Луѓето за кои зборувате членуваат во повеќе партии. Во општината Ростуше и Маврово владејачката партија победи како ретко кога, во првиот круг втор беше СДСМ, а трет политички субјект беше ПЕИ . Како го оценувате овој рејтинг на партијата?
Муслиоски: За ова можам да зборувам многу, нашиот автентичен политички субјект го направивме за да не бидеме повеќе измеќари туку партнери во политиката. Заради мала ведрина сакам да направам една дигресија, со мудрата мисла на Марви за четирите клучеви. Ни здодеа веќе од четирите клучеви што ни ги даваа партите во кои членувавме за да ги отвориме портите за влез во нашата политичка иднина. Како што нѐ дал Господ, првите три сами ги погрешивме и штом ќе дојдевме до четвртиот, вистинскиот, некој мангуп од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ веќе ја сменил бравата. Затоа велам раѓањето на ПЕИ беше убаво како зората, силно како надежта.
Велите каков е рејтингот на ПЕИ, каков може да биде ако во нејзините редови имате завиден број на до перфекција извежбани мајстори за фарбање на својата партиска лимарија. Пред избори се со вас, по избори , со извежбано смешкање велат народот така си сакал. Жално, но вистинито, Река и натаму останува плитко орана политичка градина.
По тој пораз за кој ме прашувате, во една колумна напишав: „Додека ВМРО и ДУИ горделиво делеа мегдан на нашиот животен простор, ПЕИ уште во првиот круг ја оплакуваше анатомијата на својот пораз“. Ме прашувате и зошто. Затоа што со ПЕИ политичкиот молк ни престана ама проклетството ни остана.
Вие бевте дел од основачкото собрание на ПЕИ, претседававте со него, но денес не сте член на органите и на телата на ПЕИ, зошто?
Муслиоски: Моето одење во ПЕИ не го сфатив како политичка забава, моето одење беше и останува мој историски долг. Таму ќе бидам сѐ додека има масло во моево животно кандило, се разбира, ако ПЕИ го задржи правецот што му прилега на името.
Вистина е дека бев претседавач на основачкото собрание. Бев на сите конгреси и се обидов да дадам свој придонес, укажував дека ПЕИ треба да ја заслужи довербата кај нашиот народ, а уште појасен бев дека тоа се прави со одработени вредности, а не со полтронски верности, се чини на ова второво се сопнавме. И денес се прашувам кому му дојадив, па во стилот на онаа народната, мудро задушен – брзо заборавен, се случи нешто што најмалку можев да очекувам. Па си велам, можеби, ни треба уште политичко зреење.
Во последно време се слушна идеја за формирање посебна торбешка нација, но тоа не доби целосна поддршка кај луѓето.
Муслиоски: Бев присутен на таа седница на централниот одбор на ПЕИ, за жал и последна. Мојот став беше јасен дека издржано треба да се спротивставивме на научната мисла – односно научната дефиниција за идентитетот на Македонците муслимани во Македонија, која ја покрива повеќедецениски прав, но, сепак, е уредно архивирана. Предложив тоа да го направиме и со компетентни луѓе од нашите редови. Но, се спротивставив дека со партиска декларација треба да се прави нација и со дискусии од типот: Па ние така си сакаме, кој ја ферма науката, па тоа е наше право, и кога сме кај правото за избор во националното до тој степен се вулгаризираше како да е тоа право на избор на чевли. Овој истрел на ПЕИ како да ми личеше на наивна перцепција за уште еден наш отстрел истрелан од локацијата на „торбешкиот“ етнополитички хаос, што ќе предизвика нови делби.
Разговараше: Горан Момироски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Реџо Муслиоски е објавено во 54. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст