| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватска врати 34 тони македонски краставици со опасни хемикалии

oranzerija-krstavici-bansko

На две големи пратки со краставици од Македонија деновиве им бил забранет влез во Хрватска и тие се вратени од граница поради присуство на опасна хемиска супстанција над максимално дозволеното количество. Станува збор за остатоци од пестицидот хлорпирифос, кој бил откриен по хемиска анализа на краставиците, дознаваме од Европскиот систем за брзо предупредување на Европската Унија.
Производите се ставени под царинска пломба и веднаш се испратени на уништување. Од хрватското министерство за здравство посочуваат дека санитарната инспекција забранила македонските краставици да се стават во пазарен оптек за да се заштитат домашните консументи. Се работи за големи количества од 8.615 килограми краставици од прва класа и 25.510 килограми од втора класа, со потекло од Македонија. Во нив е откриено присуство од 0,14 до 0,26 мг/кг од опасната хемикалија иако, според законските прописи на ЕУ и Светската здравствена организација, максималното ниво на резидуи за краставици е 0,05 мг/кг, прифатливо дневно внесување. Ова не е прв случај на прехранбени продукти од Македонија да не им биде дозволен влез во земјите од Европската Унија поради хемиска контаминација, иако во меѓународни рамки државава се претставува како поднебје со чиста, здрава и еколошка храна.
Последен пат пратка за извоз од Македонија е вратена во ноември 2010 г. од Италија, исто така поради присуство на пестицидни остатоци (диметоат и ометоат) во јаболка. И додека во европските држави за ваквите скандали наголемо се зборува, поради превентива и предупредување на населението, кај нас нема ниту збор за сомнителната пратка. Кој е производителот, дали има и други домашни краставици зачинети со хлорпирифос и каде завршиле тие, не се знае.

Во Агенцијата за храна вчера го потврдиле случајот и најавиле истрага.

– Користени се пестициди два дена пред бербата, иако за да се разградат се потребни најмалку седум дена пред бербата. Пронајденото количество хлорпирифос е 10 пати поголемо од дозволеното. Вршиме истрага, иако се работи за искусна домашна фирма, која извезува и во други земји-членки на ЕУ – вели Абдулезел Догани, заменик-директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Целиот текст прочитајте го во Нова Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top