
Владиката преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар никогаш не би им забранил користење социјални мрежи на монашките и на свештените лица доколку нема злоупотреби за изнесување лични мислења спротивни на црковното учење.
Како што вели во интервју за „Гласот на народот“ на ТВ Сонце, Синодот на МПЦ не им го забранува на верниците фејсбукот, но препорачува оваа социјална мрежа да не се злоупотребува за користење и создавање вербален напад и линч врз оние што се послушни на божјите закони, на одлуките и наредбите на црковните власти.
– Се потврди дека Синодот на МПЦ донел праведна одлука со забраната за користење на фејсбукот од страна на свештеници и монашки лица од кои мнозинството не ја испочитуваа, покажувајќи самоволие и анархија во МПЦ, истакнува владиката Петар.
Лично би гласал, додава високиот претставник на Синодот на МПЦ, никогаш да не се забрани користењето на фејсбукот и на монашките и на свештените лица доколку не се злоупотребува за создавање пријатели како гласачка машина за вербален напад и линч против архиереите, свештенството, монаштвото и верниците кои целосно се застапуваат за проповедање на словото божјо и општење со верниците и луѓето на заеднички молитви во храмовите и разговори, поуки и совети во црковните објекти и простории.
– Прашање е дали свештеното или монашкото лице на кое не му е до литургиско живеење и извршување на сите богослужби во храмовите и кое не ги повикува и не успева да ги воведе верниците во црквата, туку се дружи само по социјалните мрежи, воопшто треба да биде во црквата или пак местото му е во секуларниот свет, вели г. Петар.
Во врска со знамето од Кутлеш напоменува дека тоа не е само национално, туку е и црковно, бидејки има стотици примери на негово изразување во македонските цркви од различни периоди, од најстаро време до денес.
– Секој обид за откажување од него е предавство на нашето македонско национално и црковно постоење, нагласува владиката Петар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


