Група македонски интелектуалци од Албанија реагира на однесувањето на грчката Влада во разговорите околу разликите за името на Македонија и бара од македонската Влада да стави крај на преговорите и да побара безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации под уставното име, информира МИА.
„Македонската заедница во Албанија, од сите возрасти, во сите македонски населби во границите на Република Албанија, се чувствува понижена од однесувањето на грчката Влада и нејзиното однесување го смета за недемократско, неевропско и продолжување на старите политики на грчките влади за денационализација и исчезнувањето на македонската нација, за да ги легитимира злосторствата, егзодусите, убиствата и масовните гробишта во егејскиот дел на Македонија.
Има повеќе од 20 години, како Западна Европа, предводена од грчката митологија, поддржува дискриминаторска политика против Македонците, секаде каде што тие живеат. На патот на Македонија кон Европската унија ја присилуваат оваа држава да ги исполни и тие критериуми кои ниту на сон не се видени, ниту на оној свет може да се реализираат, стои во писмото на група интелектуалци Македонци кои живеат во Албанија.
За нас е срамна и скандалозна европската политика на Балканот која секојдневно покажува се повеќе неуспех во очите на сите Македонци. Конфликтот не може да се реши кога си дел од него. Ова е маскарада, негирање на човековите права, оживување на старите форми на освојување помеѓу исчезнувањето на националниот идентитет.
За нас Македонците е сосема јасно која е политиката на нашите соседи за името на Македонија, сè е јасно како бел ден, нема човек во овој свет што не ја разбира, таа е политика од стотици години на негирање на нашиот народ, елиминирајќи секаков елемент на македонскиот идентитет до бришење на македонските имиња од камењата на гробовите на нашите предци, стои во писмото.
Во него се додава дека се срамат денеска да зборуваат за ваквите проблеми, кога светот се движи кон нови патишта на демократизација, за заштита на човековите права, слободата на движење, зближување на народите и др.
„Ние сме горди што припаѓаме на древна нација, чесни, вредни и мирољубиви, како никој друг во овој свет каде што живееме. Никој никогаш не видел лошо од нас, освен добрина, таму каде што има Македонци има добрина и просперитет, има мир и спокојство.
Ја повикуваме македонската Влада да стави крај на разговорите околу разликата за државното име Македонија со јужниот сосед Грција и да побараат безусловно продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни органи, организации и заедници под државното име Македонија.
Ги повикуваме сите Македонци кои живеат на територијата на Македонија да ја повратат било која повреда што е направена на нашиот национален идентитет, вклучувајќи што е можно поскоро враќање на нашите вековно знаме, затоа што оваа игра заврши, стои во писмото потпишано од група македонски интелектуалци од Албанија кое го пренесува весникот „Македониум“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.