| четврток, 6 декември 2018 |

Орав: Анкетна комисија за настаните од 24 декември е многу добар предлог

Потребен е политички дијалог. Лидерите треба да се соберат, да разговараат едни со други и да одлучат како ќе се оди напред, изјави евроамбасадорот Аиво Орав во неделното интервју на Радио Слободна Европа

99204667
– Претседателот веќе имаше идеја и даде предлог за организирање на анкетна комисија и сметам дека станува збор за многу добар предлог. Ги видовме снимките од 24 декември и тие не беа многу охрабрувачки. Но сепак, секој ден сме сведоци на телевизиски снимки. Вчера гледав телевизија и видов многу проблематични работи. Тоа го гледаме на телевизија. Доколку постои проблем важно е да се верификуваат сите факти и да се разјасни што се има случено, какви правила и процедури биле прекршени, што се случило зад сцената, што се случувало претходно и што се случува по настанот. Тие работи не ги гледаме на телевизија, наведува Орав.

Во тоа смисла, потенцира тој, оваа анкетна комисија може да биде многу добра за верификување на фактите и да спречи слични инциденти во иднина.

На прашањето како Европската унија гледа на демократскиот капацитет на македонските власти по декемврискиот инцидент, Орав смета оти сè уште постои демократски капацитет.

– Проблемот е што моментално има политички потешкотии и земјата се подготвува за локални избори. Доколку политичките партии и граѓаните се фокусирани врз тие две прашања тогаш веројатно нема доволно време за фокусирање врз агендата на Европската унија. Сметам дека не е многу конструктивно секој ден да се нагласуваат позициите, дека едните или другите се во право. Некако земјата мора да напредува, додаде Орав.

Во врска со одлуката на Здружението на новинари да ги прекине преговорите со Владата по  инцидентот во Собранието, Орав смета дека тоа е многу вознемирувачки и оти тука клучен е дијалогот.

– Владата мора да изнајде начин како да го обнови дијалогот со новинарите. Сигурен сум дека ќе има многу можности како да се постигне ова. Треба да се покаже добра волја. Треба да има консултации со новинарите за сè што е дефинирано во предлог-законот за медиумите, како што тоа беше случај кога Здружението на новинарите и Владата преговараа за декриминализација на клеветата. Тоа беше добар пример и сигурен сум дека ако двете страни напредуваат на ист начин, тоа ќе помогне за воспоставување на дијалогот и во други области, изјави евроамбасадорот во интервјуто за Радио Слободна Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top