| четврток, 6 декември 2018 |

Додик: Во БиХ сè поизразен радикалниот ислам

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, смета дека во Босна и Херцеговина сè повеќе е видливо јакнењето на радикалниот ислам и дека српскиот ентитет ова прашање јавно го отвара и се обидува да го реши. Додик наведува дека во моментов во БиХ живеат 50.000 лица кои се доселени од арапските земји и се обидуваат да го шират исламот како религија.

– Многумина од нив имаат радикални обележја. Секако дека тоа многу нѐ загрижува. Во обидите да го решиме тоа, ние ова прашање јавно го отвораме и сакаме сите аспекти да бидат достапни до сите релевантни фактори – изјави Додик за „Гласот на Русија“.

Претседателот на Република Српска истакнува дека денес исламизацијата во БиХ,  преку дејствувањето на исламските верски заедници, извршила големо влијание врз населението така што во земјата има повеќе верски објекти отколку во чисто муслиманските држави.

– Голема сума пари е вложена во изградба на џамии ширум БиХ. Поточно, повеќе од илјада џамии се изградени само во последните неколку години. Секако јас немам ништо против тие објекти, но затоа имам против злоупотребата на верата – вели Додик.

Во тој поглед, објаснува Додик, видливо е создавање одредени радикални групи, посочувајќи дека во Сараево вехабистите зазеле една џамија и не сакаат да ја напуштат.

– Тоа прашање сè уште не е решено. Сето тоа внесува страв меѓу населението и го отвара прашањето, со кое ќе мораме да се занимаваме во иднина – додава Додик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top