Градинарството и животот во куќа со двор на пензионерите им гарантира подолг животен век, покажуваат разултатите на дванаесетгодишна студија која опфатила над четири илјади испитаници постари од 60 години.
Истражувањето на Универзитетската болница „Каролинска“ во Стокхолм, покажало дека за подолг живот доволно е да станете од креветот и нешто да работите. Едноставно, активностите околу куќата и во дворот значително го намалуваат ризикот од срцев и мозочен удар.
Испитаниците биле поделени во различни групи според тоа колку се движат и со што се занимаваат во текот на денот, дали е тоа читање на весници или гледање телевизија од фотелјата, или пак активности како што се поправка на автомобили, косење на тревникот, берење боровинки или одење на лов.
Резултатите покажале дека луѓето кои на дневна база се активни имаат најмали шанси да добијат срцев удар, но и оние кои се активни, но без посебни вежби или работа, исто така имале низок ризик од срцев удар. Движењето го намалува ризикот од срцев или мозочен удар за 27 проценти, а смрт од било каква причина за 30 проценти.
„Општо гледано, секојдневната богата активност има позитивни последици врз кардиоваскуларното здравје и долговечноста на постарите личности“ – се наведува во студијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.