Пратениците во Собранието на Република Македонија го изгласаа Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште во прво читање и го даде на натамошно читање. Според заменик-министерот за транспорт и врски Џелал Бајрами со измените се предлага надлежноста за работите што се однесуваат на поставување и отстранување на урбана опрема, како и донесувањето на програмата за поставување на урбана опрема на подрачјето на град Скопје да се пренесе во надлежност на Градот Скопје.
– Имено, со начинот на сегашното регулирање и применување на надлежностите во однос на урбаната опрема на подрачјето на град Скопје од страна на два субјекти и тоа советите и градоначалниците на општините во градот Скопје, од една страна и Советот и градоначалникот на Град Скопје, од друга страна, се создава дуализам во надлежностите и неможност за целосна контрола во поглед на поставувањето на урбаната опрема на подрачјето на град Скопје. Со вака прифатената измена ќе се создаде ред во однос на поставувањето и отстранувањето на урбана опрема, единственост од аспект на донесувањето на програма за поставување на урбана опрема, а со прифаќање на измените и дополнувањата на Законот за градење и поорганизиран инспекциски надзор на целото подрачје на град Скопје, вели Бајрами.
Законот се дополнува и со одредби со кои се уредува прашањето за начинот и условите под кои може да се пренесе градежно земјиште сопственост на Република Македонија, отуѓено по пат на јавно наддавање, односно дека со договорот со кој се пренесува сопственоста на трети лица, потребно е претходна согласност од отуѓувачот и од Државното правобранителство на Република Македонија. Со Предлогот на Законот се дополнува законот со одредби за начинот на полагање на испитот за стекнување на овластување за управување со градежно земјиште.
Денеска беа донесоа над десетина закони, меѓу кои и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за гробишта и погребални услуги, Законот за јавна чистота и на Законот за домување, сите во прво читање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.