| четврток, 6 декември 2018 |

Промовиран видеоспотот за песната „Деца на Сонцето“ (видео)

deca na sonceto

Во клубот и ресторан МКЦ беше промовиран видеоспотот и песната „Деца на Сонцето“ од Влатко Стефановски, која наедно е и насловна песна од истоимениот игран филм на Антонио Митриќески, кој се снимаше летово на локации покрај крајбрежјето на Преспа. Покрај оваа песна, како водечка, Стефановски ги потпишува и другите песни за филмот.

– Досега имам направено музика за триесетина филма и секогаш се радувам кога добивам такви покани, но за македонски филм немам работено многу одамна, уште од времето кога ја правев музиката за „Џипси меџик“ на Столе Попов. А, тоа беше далечната 1997 година. Така што оваа понуда на режисерот Митрикески ми дојде како мевлем на душата. Покрај песната, филмот ќе има и амбиентална музика, со оглед на прекрасниот амбиент на Преспанско Езеро, каде што е сниман филмот, а кое за мене беше право откровение. Ќе има и наменска музика за некои сцени.

Песната е рефлексија на размислите на Влатко за филмот и воопшто за светот околу нас.

– Со оглед на моите години, сум видел доста, многу сум патувал, сум среќавал и обични и необични луѓе, сум бил сведок и на историски настани, промени, турбуленции, a моите мисли се обидуваат да го разберат светот и векот, да фатат смисла, за тоа каде и како се движиме, напред или назад. Размислувам за вкусот на патлиџаните, пиперките и лубениците од пред десет-петнаесет години и овие сега. Размислувам за опстанокот, за желбите, за љубовта, за чувствата, заблудите, страдањата, за времето кое лета, размислувам за локалното и глобалното, за личното и општественото, за минливоста на животот и за траењето на уметноста… Со еден збор за сѐ за што размислува човекот…“

Филмот е во процес на монтажа, а се очекува да биде целосно готов кон почеток на март следната година. Југословенскиот мајстор на монтажата и култна фигура од филмскиот еснаф, Андрија Зафрановиќ, работи во моментов во Скопје на филмот и го монтира.

Како што изјави на самата промоција и режисерот Митрикески:

„Ова е филм правен со многу љубов и позитивна енергија, која екипата безрезервно ја даваше. И мислам дека тоа се чувствува во секоја сцена од филмот“.

Во филмот играат: Ивана Павлаковиќ, Кире Ѓоревски, Мето Јовановски, Владо Јовановски, Милица Стојанова, Билјана Таневски, Данчо Чеврески, Александар Микиќ, Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Емир Хаџихафизбеговиќ…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top