Ламбе Алабаковски по само една година пауза се врати на македонската музичка сцена и тоа со нова песна и истовремено и видеоспот за неа. „Земи сè“ повторно е комплетно авторско дело на Јован Јованов. Со првата песна од Јованов, „Не планирам“, Ламбе во 2010 година победи на „Макфест“. Спотот за „Земи сè“ се снимаше во соработка со „Фабрика продукција“, а режисер е Марјан Огненовски.
Од продукцијата велат дека ќе биде еднакво интересен и за машкиот и за женскиот дел од публиката. За првите, затоа што во спотот партнерка на Ламбе е Марија Нацева, најпознатата фитнес-моделка во Македонија, а за женскиот затоа што во еден дел од видеото, Ламбе се појавува без гардероба.
„Земи сè“ на 5 ноември (вторник) премиерно ќе биде пуштена на следниве радиостаници: „Метрополис радиомрежа“, „Сити“, „Фортуна“, „Канал 77“, „Бубамара“ и „Хит ФМ“ во 12.30 и во 16.30 часот. Видеоприказната, пак, за оваа песна премиерно ќе ја погледнете в среда, на 6 ноември, во естрадниот магазин „Бекстејџ“.
– Ова е сосема поинаква песна од сè што сум пеел до сега. На почеток мислев дека ќе ми претставува тешкотија да испеам нешто ново, но подоцна се пронајдов и во оваа песна. Како што ми се допадна на мене, искрено се надевам дека ќе им се допадне и на моите слушатели и обожаватели – изјави Ламбе.
Од неодамна Ламбе Алабаковски е новиот ексклузивец на „План Б продукција“. За оваа промена, засега вели дека му донесе многу нови моменти, работа и нови пријатели. Новата песна и спот за „Земи сè“ се само почеток. Продукцијата и Ламбе подготвуваат многу изненадувања во периодот што доаѓа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.