| четврток, 6 декември 2018 |

Истражување: Грците се најдебели, Македонците, најслаби

samir becic

Самир Бечиќ

Истражувањето на познатиот фитнес-тренер Самир Бечиќ, за здравјето на Балканот, покажува дека во Грција има најмногу дебели жители, додека таков проблем нема во Македонија.

Во балканските земји има помалку лекари отколку пациенти. Ова се најновите податоци од неодамнешното истражување „Балкан проект“, кое во земјите од поранешна Југославија го направи Самир Бечиќ, еден од најдобрите светски фитнес-тренери, пренесе Телеграф.

Европскиот просек изнесува 3,4 лекари на илјада жители, а речиси сите земји од Балканот се далеку од овој просек.

Последното место на листата го има Босна и Херцеговина, каде што на илјада жители работат едвај 1,42 лекар, што е речиси за два пати помалку од европскиот просек.

Во Србија и во Црна Гора имаат двајца лекари, во Словенија 2,41, во Македонија 2,55 и Хрватска 2,6 лекари на илјада жители. Сите тие се далеку од европскиот просек, потврдува Бечиќ.

Дека на Балканот сè помалку има лекари наспроти пациенти, покажува и податокот во Германија и во Австрија каде што го надминуваат и европскиот просек.

На пример, во Германија има 3,7, а во Австрија 4,7 лекари на илјада жители. И покрај тоа, тамошните власти сметаат дека сè уште им недостигаат медицински лица и прават напори за враќање на нивните лекари што работат надвор од земјата.

Истражувањето на Бечиќ покажува дека во останатите земји од регионот има малку повеќе лекари за разлика од БиХ, но сепак сите се под просекот.

doktori

Истражувањето што го спроведува Бечиќ има цел да ја подигне свеста кај луѓето на Балканот за тоа како треба да се води здрав живот.

Неговото истражување воедно покажало дека најмногу калории преку исхраната внесуваат во Грција, а најмалку во Црна Гора.

Овие податоци се во согласност и со оние на магазинот „Форбс“ од 2007, кога објави дека од сите држави на Балканот, Грција има најмногу дебели жители, додека таков проблем најмалку има Македонија.

– Некои анализи покажаа дека здебелувањето во период од пет години кај жените од поранешните земји на Југославија е поврзано со консумирањето „скриени“ масти од животинско потекло – изјавил Бечиќ.

Најмал животен век имаат жителите на Србија и на Црна Гора, се вели во истражувањето на „Балкан проект“. Нивните анализи покажале дека Србите и Црногорците живеат во просек по 75 години, додека најдолговечни се Словенците со 78 години.

Бечиќ, сепак, им советува на луѓето од Балканот да водат здрав живот, исполнет со многу физички активности и да внимаваат на исхраната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top