Новопечените Бугари во Македонија може да имаат проблем бидејќи Министерството за правда на Бугарија почнало да ги истражува сомнителните случаи со вадење бугарски документи.
Агенцијата каде што Македонците аплицираат за вадење документи деновиве жестоко одговори на текст објавен во бугарскиот весник „Труд“, во кој се пишува за афера со бугарски пасоши за Косовци, а пренесува македонскиот портал „Телеграф“.
Весникот објави дека Агенцијата одбива да му даде на Министерството за правда досие на 2.000 странци кои добиле документи за бугарско потекло и на брз начин стигнале до државјанство.
Според информациите на „Труд“, дел од нив се државјани на Косово кои не знаат ни збор бугарски, а експертите се сомневаат дека немаат ни роднини во Бугарија. Во досиејата би требало да се доказите врз основа на кои експертите од Агенцијата заклучиле дека странците се со бугарско потекло, објави вчера весникот.
Министерството за правда ги побарало бидејќи има одговорност кому се нуди бугарски пасош. Но, како што наведува весникот, Агенцијата, сепак, одбива да ги даде овие податоци со образложение дека тоа се чувствителни лични податоци.
„Труд“ побарал одговор од Министерството за правда кое досие на странци го побарале од Агенцијата, а одговорот бил: Албанија, Косово, Македонија, Молдавија, Србија и Хрватска. Бугарскиот весник наведува дека во 2011 година двајца Косовци добиле бугарски документи, лани одеднаш бројката скокнала на 112, а на почетокот од 2013 година се 300.
За информациите на „Труд“ дека многу од кандидатите во Косово кои сакаат да станат Бугари не знаат ни збор бугарски, од Агенцијата рекле дека тоа не е задолжително за докажување на потеклото. Ја прашале Агенцијата со какви објективни критериуми оценуваат кој има бугарски корени, а кој – не, но не добиле одговор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.